ЕУ едвај се ослободи од Орбан, ќе го дочека Симион?

По 16 години ЕУ го дочека крајот на власта на Виктор Орбан во Унгарија, но сега може да добие уште понезгоден бунтовник во Романија – Георге Симион, кој ја опишува како „државен удар“ улогата на Брисел во поништувањето на претседателските избори пред две години. Владината коалиција во Букурешт се распаѓа, а партијата на Симион убедливо води на анкетите.

„Романскиот Трамп“, како што го нарекуваат Георге Симион поради неговата политика и блиските врски со американскиот претседател, лани беше пред победа на претседателските избори, но загуби од Никушор Дан по неверојатен пресврт помеѓу првиот и вториот изборен круг.

Распадот на центристичката владина коалиција во Романија сега му отвора неочекуван пат на Симион до премиерската функција. Ако сега се одржат избори, без надворешни интервенции, неговата Алијанса за обединување на Романците би освоила 35% од гласовите, според анкета на Политико. Тоа е речиси двојно повисок рејтинг од социјалистите, кои се на второто место со 20%.

Редовните избори се дури во 2028 година. Романија по Чаушеску никогаш не одржала предвремени избори, но можеби ќе го промени тоа, ако нема друго решение за актуелната политичка криза. 

Министрите од редовите на Социјалдемократската партија – партнер во коалициската влада, поднесоа оставка од функциите и ја ги оставија либералите на премиерот Илие Болојан без поддршка од парламентарното мнозинство. Болојан одбива да поднесе оставка, тврдејќи дека владата треба да спроведе витални реформи до август за да добие пристап до 10 милијарди евра од фондовите на ЕУ за закрепнување и отпорност од пандемијата.

Социјалдемократите, пак, го условуваат своето останување во владината коалиција со заминувањето на премиерот. Во спротивно, не исклучуваат сојуз со десничарската партија на Симион, со која би биле блиску до ново парламентарно мнозинство.

Симион, пак, вели дека ќе биде поднесен предлог за распуштање на кабинетот на Болојан веднаш штом ќе го потпишат 233 пратеници. Гласањето би можело да се одржи веќе на 5-ти мај. Потоа, неговата партија ќе биде отворена за разговори со сите други партии. Високиот рејтинг му дава главна улога на Симион во било какви комбинации. 

Самиот Симион јавно дава воздржани одговори на прашањето дали инсистира да ја преземе премиерската функција.

Не мора. Секако, имаме квалификувани луѓе за премиерското место. Но, засега сакаме да ја стабилизираме земјата бидејќи Европската комисија им дозволи на социјалистите и либералите и на сегашната коалиција да имаат огромен дефицит, изјави Симион.

Својот став кон Европската Унија тој неодамна го опиша со поддршка на извештајот на Конгресот на САД, во кој како „државен удар“ е оценето мешањето на Европската Унија во изборите во Романија. Ова особено се однесува на поништувањето на победата на Калин Георгеску на првиот круг од претседателските избори во 2024 година поради наводно „руско мешање“.

******

Види и: Романците од трета мајка изгласаа проевропски претседател

Романија и Унгарија кренаа глас против европската машина за цензура

27 април 2026 - 16:42