Романците од трета мајка изгласаа проевропски претседател

Со еден од најголемите гласачки пресврти воопшто, завршија контроверзните претседателски избори во Романија, практично сè додека не победи проевропски кандидат. Во декември беа поништени откако најмногу гласови освои прорускиот Георгеску, а сега „романскиот Трамп“ го призна поразот иако во првиот круг водеше со двојно повеќе гласови од својот противкандидат.

Градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, е новиот претседател на Романија, откако во вториот круг од изборите во неделата освои 54% од гласовите. Победата е неверојатна, бидејќи Дан во првиот круг освои едвај 21%, двојно помалку од Георге Симион, кој важи за романска верзија на Доналд Трамп.

Симион го призна поразот: „Му честитам на мојот противник. Тој победи. Таква беше волјата на Романците“.

Аналитичарите тврдат дека главна причина за пресвртот во огромниот одѕив на гласачите, особено на оние 4 милиони во дијаспората. Но, и додаваат дека Романците всушност се пресметале со политичкото минато. Ниту Дан ниту Симион не припаѓаат на двете партии што досега се менуваа на власт - социјалдемократите и националните либерали. И двајцата беа против системот , но на различни начини - едниот независен реформатор, а другиот поддржувач на идеологијата МАГА.

Дан беше популарен градоначалник на Букурешт и математичар школуван во Париз. Се вклучил во граѓански активизам од раните 2010-ти, кога застана против градежната мафија. Како градоначалник на Букурешт блокираше низа матни договори за градба.

Во изминатите три недели тој практично успеа да ги привлече речиси сите Романци што во првиот круг не гласаа за Симион. Анкетите покажаа дека јазот од 20% во рејтингот се затворил по телевизиската дебата на која беше општо прифатено дека Дан оставил многу подобар впечаток. Симион потоа не се појави на дебати.

Симион ја почна својата политичка кариера со кампања за присоединување на Молдавија, поради што му е забранет пристап во соседната земја. На прес-конференцијата на денот на изборите тој се врати на политичките корени: „Бесарабија е секогаш Романија“. За време на кампањата побара политичка поддршка од унгарскиот премиер Виктор Орбан, големата етничка заедница на Унгарците во Романија го отфрли како „антиунгарец“.

Неговата убедлива победа во првиот круг сега се смета за одраз на гневот на Романците поради поништувањето на редовните избори во ноември, на кои во првиот круг победи прорускиот кандидат Калин Георгеску. Уставниот суд два дена пред да се одржи вториот круг објави дека кампањата на Георгеску не била легална поради руско мешање во социјалните медиуми, и не му ја прифати кандидатурата за повторените избори. (Види: Укинување на романската демократија)

Романија во моментов има преодна влада. Дан ќе мора да номинира премиер што ќе мора брзо да состави владејачка коалиција во критичен период кога буџетскиот дефицит на Романија од 9% е највисок во Европската Унија, а инфлацијата од 5,1% е двојно поголема од просекот во ЕУ. Кредитниот рејтинг на Романија е БББ-.

19 мај 2025 - 07:46