Џеј-Ди Венс: Ако ние ја преживеавме Грета Тунберг, вие ќе го преживеете Илон Маск

Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ја повика Европа конечно да застане на страната на слободата за да се справи со најголемата закана која го загрижува: заканата одвнатре. Ги критикуваше лидерите на континентот  дека се повлекуваат од некои од најфундаменталните европски вредности, првенствено замолчувајќи ги поинаквите мислења, модерирајќи ги содржините и изолирајќи ги партиите кои не им одговараат.

Во својот говор на конференцијата во Минхен, Венс ги обвини европските лидери дека ги напуштиле своите корени како „бранители на демократијата“, улога која успешно ја изведуваа за време на Студената војна а која сега ја имаат претворено во гаснење на поинакви мислења. 

Тој во денешната европска политика гледа стари и закотвени интереси кои се кријат зад терминологијата од советското време па се зборува за дезинформации секогаш кога некому не му се допаѓа некое алтернативно гледиште и поразлично мислење.

Венс не може да се начуди како некои во Европа биле одушевени од откажаните избори во Романија или од екстензивното модерирање онлајн содржини што за „американските уши звучи шокантно.“

Вториот човек на САД вели дека европските политичари се уплашени од своите гласачи, особено за одредени теми како што е миграцијата и ризикуваат од себе да отуѓат добар дел од популацијата.

Тој ги отфрли сите критики за наводното мешање на Илон Маск во европските избори, велејќи дека „ако американската демократија можеше да преживее 10 години гневни испади на Грета Тунберг, вие дечки можете да преживеете неколку месеци со Илон Маск“. 

Тој повика на ставање крај на политичката изолација и „санитарните кордони“ околу некои партии како што е германската АфД.

14 февруари 2025 - 16:51