Џабе француска култура на 70% попуст на Нутела

Иако цивилизацискиот шамар што отворањето на Керфур ни го врза пред некоја година (кога бевме на раб да се одродиме меѓу себе заради неколку канчиња кисело млеко, банани или тоалет хартија) го лечиме со снимки од алчноста на американскиот Црн петок, крајно е утешно и Французите да се видат во сличен бес подгреан од попуст на „еуро-крем“.

Францускиот ланец супермаркети Интермарш одлучува да даде попуст на Нутела од 70%. Нешто кое на хартија изгледа разумно и ни најмалку непроблематично.

Меѓутоа во пракса излезе дека кога нешто што чини 4,5 евра решиш го продаваш за 1,4 евра, Французите се подготвени да ги стават на тајм-аут сите дотогаш востановени навики и правила на фино однесување, и да се пресметаат меѓу себе за тегла Нутела (или неколку).

Како што објаснува Мајук Сен во текстот за Манчис „сцените изгледаат толку ужасни што го прават Црн петок во Волмарт да личи на значително питом настан, па дури и мирен.“

Квалификацијата што еден вработен на Интермарш ја дава за Франс-прес околу целиот настан е „беше како оргија“:

„Луѓето упаднаа, туркајќи ги сите, кршејќи работи. Беше како оргија. Ние бевме на раб да викнеме полиција.“

Воведот на текстот на Вашингтон пост е „во Француската револуција луѓето се тепаа за леб. Во Франција на Емануел Макрон, тие се тепаат за Нутела.“

Се уште нема официјална бројка од Интермарш на колку локации имало немири, меѓутоа Вашингтон пост пишува дека тие биле забележани низ цела Франција.

Од маркетите не објаснуваат ни што ги натерало да ја започнат промоцијата, единствено на Твитер има изјава од француската филијала на Фереро Роше во која од Интермарш се бара да ги вратат старите цени за да се воведе мир.

„Ние ги осудуваме последиците од овој потег, кој создаде конфузија и разочарување во умот на муштериите,“ пишува во твитот од Фереро.


@kennyLebon
29 јануари 2018 - 13:24