„Ако верувате дека сте граѓанин на светот, вие сте граѓанин на ништо и не разбирате како функционира државјанството“ - британската премиерка Тереза Меј, октомври, 2016
„Не постои глобална химна, не постои глобална валута, не постои документ за глобално државјанство. Ние му се колнеме на едно знаме а тоа знаме е американското знаме“ - Доналд Трамп во еден од првите пост-изборни говори.
Државјанството во неговите различни правни дефиниции е едно од важните прашања околу кои се кршат копја во првите декади на 21-от век, век кој е прошаран со тенденции во контра насоки. Од една страна се глобализацијата, моќта на транс-националните компании на кои државните граници им се вишок и сè поголемите можности да се учествува на светскиот пазар без да се биде врзан физички за локација и држава. Но, од друга страна, изразено јакнат разни идентитетски движења, сомничавоста кон мигрантите и желбата за враќање на некогашниот национален суверенитет.
Хана Арент државјанството го дефинира како „право да се имаат права“. Како и со другите права, и ова може да се додели или суспендира од оние кои ја имаат власта. Во своите понови форми, државјанството е нешто кое може да се купи, изнајми и тргува со него.
Капацитетите на Кипар така и се рекламираат; не со луксузноста на апартманите и близината до топлите води туку со можноста тие да бидат залог за добивање златна виза. Кипарско државјанство може да се извади а да не се стапне на островот, само ако се вшприцаат два милиона евра. Во Грција за 250.000 евра се вади дозвола за престој и работа но вадење полно државјанство со сите права трае долго а резултатот е неизвесен.
Еден кинески сајт има и споредбени податоци за тоа каде каква златна виза се вади и за колку пари. Но, многумина се изгореле од такви шеми. Околу 400.000 странски инвеститори кои се затрчаа по португалската златна виза од 500.000 евра, со години се во правно лимбо чекајќи ги пасошите кои им беа ветувани за неколку месеци.
Постои и случајот со Естонија чија стратешка определба е да го држи европскиот примат во онлајн светот која пред некое време понуди е-државјанство. Досега го добиле 30.000 лица. Тоа не ги дава правата на вистинското физичко државјанство но дава можност да се отвори банкарска сметка, да се стартува компанија и да се плаќаат даноци по естонските закони. Пред некое време еден дата-центар во Луксембург беше прогласен за суверена естонска тероторија бидејќи ги потхранува податоците и пасошите на таквите е-Естонци.
Има аранжмани и за сиромаштија но конфигурирани се прилично тажно. Јемен има околу 600.000 бегалци од Сирија кај себе. Според договорот меѓу кралството и ЕУ со кое на Јемен му се олесни трговијата со Европа, државата на тие луѓе им дава право на работа и престој но со една квака - да не го напуштат бегалскиот мега-камп во кој се најавени инвестиции од Икеа, ланецот супер-маркети Асда и други компании во потрага по евтина работна сила. Што значи дека тие луѓе ќе работат во својот „концентрационен логор“, ќе примаат и плата за тоа, само да им изветри идејата да фатат џаде накај ЕУ.
Така да, додека естонската идеја значајно не се рашири по светот, имотот и парите остануваат клучни фактори кои одредуваат на кој какви права му следуваат.