Дронот што беше соборен од иранската револуционерна гарда е од моделот RQ-4A Global Hawk, летало од 220 милиони долари, кое претставува „масовна платформа за следење“. Претходно Пентагон го обвини Иран дека е поврзан со соборувањето на дрон од моделот Рипер, над јеменска територија.
Дронот Глобал хок е пуштен во служба во 2001, распонот на крилја му е речиси 40 метри, а максимална носивост на полетување му е околу 14,5 тони. Досегот им е над 22.000 километри, можат да летаат на висина од 18 илјади метри, и можат 34 часа да останат во воздух. Овој модел нема никакви офанзивни способности.
Од арсеналот сензори дронот има инфрацрвена, термална и електро-оптичка камера. Заради носивоста, на него може да се стави и огромна телефото објектив за детално сликање на метите. Според експертите, американската армија различно го опремува секој дрон во зависност од мисијата што треба да ја заврши, па не е сигурно што точно носел соборениот модел.
Не е познато ни колку од дронот може да се спаси, и дали тој целиот е уништен во напад. Иран во 2011 запленува американски дрон од моделот RQ-170 Sentinel (на границата со Авганистан) и објави дека подоцна успеал да го ископира неговиот хардвер и софтвер за свои потреби. Минатата година израелски функционери изјавија дека нивните сили пресретнале ирански дрон кој наликувал на копија на Сентинел.
Околу соборувањето на Глобал хок двете страни влечат на своја страна, Иранците дека дронот бил на нивна територија, Американците дека дронот бил во меѓународен воздушен простор. Приказната се комплицира бидејќи никој не се сомнева во способноста на Иран да го собори овој дрон (најверојатно со руски одбранбен систем), што иако тоа е тешко, не е неизводливо. Прашањето е кога веќе знаат дека дронот ќе им оди курбан зошто Американците би се обиделе со него да го нарушат иранскиот воздушен простор.