Доналд и Меланија Трамп се позитивни на корона

Американскиот претседател Доналд Трамп е позитивен на тест за коронавирус. И Меланија Трамп е позитивна на теста на коронавирус. Со тоа паѓаат во вода муабетите дека тој брак е шминка и постои само заради за пред јавност. Сепак се, значи, блиски.

„Првата дама и јас денеска испаднавме позитивни на коронавирус. Одиме во карантин веднаш. Ќе го пребродиме ова заедно,“ објави Доналд Трамп на неговиот главен комуникациски канал, Твитер.

Оваа дијагноза е најсериозната здравствена закана за некој актуелен американски претстедател којзнае колку време наназад, со оглед на тоа дека 74 годишниот Трамп влегува во најризичните групи на ковид-19.

Карантинот беше најавен и пред објавување на резултатите од тестот поради тоа што позитивна на коронавирус испадна една од најблиските соработнички на Трамп, Хоуп Хикс. Таа е експерт за комуникации и ПР советник и патуваше со Трамп на неколку последни предизборни настани. Хикс истовремено важи за близок семеен пријател на Трампови, особено со Иванка и Џеред Кушнер. Се претпоставуваа дека таа го има закачено вирусот од некој поддржувач на митинзите на Трамп.

Според насоките на американскиот центар за заразни болести и превенција, на Доналд и Меланија им следува 14 дневен карантин.

Берзата веднаш реагираше со негативен тренд а сите импликации од оваа вест допрва ќе се сумираат.

 

2 октомври 2020 - 08:18