Дојчланд, убер алес

Може не е глобалната доминација на која се надеваа пред 75 години, меѓутоа Германија 3-та година по ред е омилената светска сила на планетава.

Во глобалната наклонетост на далечното второ место зад Германија се САД, Кина и Русија, па додека Германија ги има симпатиите на 44% од испитаниците на Галуп, САД има собрано 33%, Кина 32, а Русија 30 проценти.

Анкетата опфаќа по 1.000 возрасни од 135 држави низ светот, и е спроведена во 2019, пред почетокот на корона кризата во светот. За анкетата што годинава ќе биде спроведена предвидувањата се дека рејтингот на САД дополнително ќе падне заради начинот на кој се справија со пандемијата.

Она што од Гардијан сакаат да му го извадат низ нос на Трамп, е дека САД биле први на оваа листа за време на секоја година од владеењето на Обама, освен 2011 кога за малку завршиле на второ место зад Германија, меѓутоа нивната популарност потонала за 18% во моментот кога Трамп стапнал во Белата куќа.

Единствен континент на кој САД ја задржале својата предност била Африка, каде 52% од испитаниците го одобриле однесувањето на Соединетите држави. Во 2009 ова било 85%.

27 јули 2020 - 10:26