Преместувањето е закажано за 10 јуни, а на семејството на Франко ќе му биде дадена можност да одржи приватна церемонија на новиот гроб, меѓутоа нема да има јавно соопштение или церемонија околу истото.
Пред нешто повеќе од еден месец шпанската влада му даде 15 дена на семејството на Франко да избере каде сака биде неговиот нов гроб, со услов дека тоа не може да биде семејната гробница во катедралата Ла Алмудена во Мадрид. Од семејството тогаш порачаа дека предвид доаѓа само катедралата. Ваквото решение беше одбиено од власта заради страв дека локацијата ќе стане свето место за Франко носталгичари.
Новиот гроб е во близина на гробот на сопругата на Франко.
На 27 февруари судот во Мадрид привремено ја укина дозволата за кревање на 2-тонската гранитна плоча поставена над гробот на Франко, по основа дека работниците притоа може да се повредат.
Моменталната локација на која е сместен гробот на Франко од многумина се смета за „премногу привилегирана за диктатор кој со децении владеел со помош на насилна репресија“. Во Долината на паднатите, комплекс изграден по наредба на Франко, се и остатоците од речиси 40.000 лица кои загинаа во Шпанската граѓанска војна.