Агенцијата за царинска и гранична заштита соопшти дека апликацијата за Електронски систем за овластување за патување (Esta) се усогласува со извршната наредба издадена од Доналд Трамп уште на првиот ден од неговиот втор мандат - да се обезбеди дека посетителите на САД „немаат непријателски став кон нејзините граѓани, културата, владата, институциите или основачките принципи“.
Препораката се однесува на 42 земји, кои важат за безбедни и на чии државјани не им требаат визи за туристичка или работна посета на САД во траење до 90 дена. На списокот се повеќето европски земји, како и Австралија, Јапонија и Израел.
Планот е претставен за јавна расправа во рок од 60 дена. Ако биде усвоен, се зголемува ризикот од хаос на аеродромите и на стадионите за време на Светското првенство во фудбал идната година, кое се очекува да привлече над 5 милиони навивачи.
Граничната служба тврди дека има овластувања да пребара мобилни уреди на секој странец што доаѓа во САД. На оние што ќе одбијат нема да им биде дозволено да влезат. Во текот на 2024 година на граничните премини бил извршен претрес на 47.000 уреди, но годинава тој број сигурно е многу поголем поради заострувањето на мерките и контролите.
Строгите мерки во вториот мандат на Трамп драматично го намалија бројот на посетители и туристи во САД. Запрени се сите барања за азил и апликации за визи за повеќе од 30 земји. За посетителите од земји за кои е потребна виза се бара нова такса од 250 долари.
Се бара и намалување на времетраењето на визите за странски новинари од пет години на осум месеци. Конзуларните службеници добија препораки да им одбиваат визи на сите лица што можеби работеле во проверка на факти или модерирање на содржини, поради сомневањата дека се одговорни за цензура, спротивно на заштитената слобода на изразување во САД.
Странските туристи се обесхрабрени и од новата такса од 100 долари за посета на националните паркови, покрај редовните влезници.
******
Види и: Нема американски визи за факт-чекери