„Десет величенствени“ за проширување на ЕУ

ЕУ треба да состави тим од десет клучни земји, кои до крајот на идната година би изготвиле нова рамка за проширување и би се посветиле на надминување на политичките поделби во Унијата, предлага Европскиот совет за надворешни односи. Најголемиот предизвик е како да им се објасни на гласачите низ Европа дека би имале полза од приемот на нови членки.

Во извештајот „Десетте величествени: Коалиција на подготвени за поттикнување на следното проширување на ЕУ“, Европскиот совет за надворешни односи предупредува дека земјите-членки не се подготвени за политичките и институционалните предизвици од вклучувањето нови земји во блокот.

Членките сè уште не се усогласиле околу единствена стратегија. Моментот за дејствување е сега. Во спротивно, може воопшто да нема проширување, се предупредува во извештајот.

Иницијативата, според ECFR, би ја предводела Германија, а би учествувале и Франција, Холандија, Австрија, Италија, Данска, Полска, Литванија, Шведска и Унгарија – земји што застапуваат различни гледишта за проширувањето, од строги услови за владеењето на правото до поголем фокус на безбедносните прашања.

ECFR ги групира членките во три широки категории.

  • Данска, Германија и Шведска се „принципиелни условувачи“ - го поддржуваат проширувањето, но инсистираат на институционални реформи и гаранции за владеење на правото.
  • Австрија, Франција, Италија и Холандија се „условни скептици“ - ја признаваат стратешката важност на проширувањето, но остануваат претпазливи во врска со домашните политички ризици. Притоа Австрија и Италија промовираат поблиска интеграција со Западен Балкан.
  • Литванија и Полска се „безбедносни максималисти“ – загрижени од Русија и импликациите ако Украина остане надвор од ЕУ.
  • Унгарија е издвоена како посебен случај, бидејќи ги поддржува кандидатите од Западен Балкан, но ја блокираше Украина.

Европската комисија разгледа неколку опции за прилагодување на процесот на пристапување: задржување на постоечкиот пристап заснован на заслуги; воведување на засилена постепена интеграција; и повеќефазно „обратно проширување“, скроено за случајот на Украина, за да им се овозможи на кандидатите да учествуваат во структури на ЕУ пред да станат полноправни членки. Германскиот канцелар Фридрих Мерц во мај предложи Украина да добие статус на придружна членка, со свој претставник во највисоките тела како Европскиот совет и Европската комисија, но без право на глас.

Најголемиот предизвик за Брисел, според извештајот на ECFR, не е институционалната реформа, туку како да се убедат европските гласачи дека проширувањето ќе им користи. Противниците го сметаат проширувањето како извор на нестабилност, миграциски притисок и финансиски трошок.

Овие различни приоритети не мора нужно да ја спречат соработката, но секоја успешна стратегија за проширување би требало да комбинира неколку наративи. Безбедноста, економските можности, управувањето со миграцијата, суверенитетот и институционалните заштитни мерки би требало да бидат дел од политичките аргументи претставени до гласачите.

Дебатата за проширувањето досега е ограничена на политичките кругови. Ова е плодна почва за популистички и екстремни десничарски наративи, пишува во извештајот.

29 јули 2026 - 15:23