H&M и Next соопштија дека деца од Сирија работат во нивните фабрики-доставувачи во Турција. Организацијата Ресурсен центар за бизнис и човекови права извршила истражување кое вклучило 28 најзначајни брендови, а во врска со условите во нивните фабрики во Турција и потенцијалната експлоатација на нерегистрирани деца и возрасни, бегалци од Сирија.
Од нив само наведените признале дека такви случаи постојат, и веднаш презеле мерки за враќање на децата во училиште. Некои рекле дека во нивните турски шивачници нема малолетни аргати а некои не ни одговориле на прашалникот.
Ова поттикна загриженост дека проблемот можеби е многу посложен, и дека голем број компании всушност молчат за ваквата злоупотреба. Според проценката на наведената организација, која ја контролира етиката во водењето бизнис на компаниите, меѓу 250,000 и 400,000 сиријски бегалци нелегално работат во Турција, која пак е третиот најголем доставувач на облека во Европа, по Кина и Бангладеш.
Оваа земја има примено најголем број сиријски бегалци во светот, околу 2,5 милиони, но дури овој месец Анкара конечно објави дека ним ќе им биде дозволено да работат, за да се намали бројот на бегалци кои одат накај Европа.
Претходно, Европол соопшти дека на најмалку 10.000 деца бегалци од Сирија им се губи трагот во Европа. Се страхува дека дел од нив завршиле како жртви на добро организираната трговија со луѓе заради нивна сексуална злоупотреба или експлоатација на трудот.