Данска му се извини на Гренланд за присилната контрацепција

Во кампања за десеткување на популацијата на Гренланд, дански лекари им вметнувале контрацептивни спирали на илјадници жени, без да ги известат. Меѓу жртвите имало и голем број малолетни девојчиња. Организираната практика прекинала во 1970 година, но била применувана и од локалните власти кога ја презеле контролата врз здравствениот систем. Сега се извинуваат.

Премиерката Мете Фредериксен во име на Кралството им се извини на жените на Гренланд за долгогодишната кампања за ограничување на домородната популација. 

Простете за неправдата што ви е нанесена, само затоа што бевте Гренландки. Жал ми е за сè што ви беше одземено и за болката. Во име на Данска, извинете, изјави Фредериксен. Таа потоа се прегрна со жртви на кампањата. 

Одговорност прифати и шефот на автономната влада на островот Јенс-Фредерик Нилсен, бидејќи практиката продолжила во изолирани случаи и по 1992 година, кога Гренланд ја презеде контролата врз здравствениот сектор. 

Жал ми е. Во име на Владата на Гренланд, им се извинувам на младите жени за кои оваа неприфатлива практика продолжи откако здравствениот сектор беше вратен дома, изјави Нилсен.

Министерствата за внатрешни работи и здравство на Данска во септември го објавија извештајот по темелна истрага. Се проценува дека до крајот на 1970 година им биле вметнати спирали најмалку на 4.070 девојки и жени од Гренланд. Според Данскиот институт за човекови права, со кампањата биле опфатени и девојчиња на возраст од 12 години.

Случајот беше откриен откако неколку жени објавија дека без нивно знаење им била дадена контрацепција. Лани 143 жени ја тужеа Данска за прекршување на нивните човекови права и побараа отштета во износ од 43 милиони круни (5,7 милиони евра). Владата прифати да формира фонд и да обезбеди финансиска отштета за жртвите

Сè уште не е потврдено дека контрацепцијата била нова форма на повеќевековната данска политика на дехуманизирање на жителите на Гренланд. Со векови наназад од инуитските семејства на островот присилно биле одземани мали деца за да бидат згрижени и „превоспитани“ во дански семејства.

Во 1960-те години целта била да се ограничи популацијата, во период на значителен пораст поради подобрената здравствена грижа и услови за живот.

25 септември 2025 - 10:08