Дали палминото масло е веганско?

Тоа е само една, и тоа една од полесните дилеми околу овој широко употребуван производ, еден од оние од кои се очекуваше да ја спаси планетата а наместо тоа, покрена сериозни еколошки штети. ЕУ е на пат да го забрани, барем за гориво

Ако јадеш нешто за чие производство масовно се истребени безброј животни, дали тоа навистина  може да се смета за веганско, иако во себе нема елементи од животинско потекло? Тоа е суштината на веганската дилема околу палминото масло, производ за кој се уништени огромни површини шуми и други природни живеалишта на безброј животни.

Побарувачката на палминото масло е таква што постојано се уништува природа за да се засади со овој доходовен вид палма кој на секои две недели дава по 20-30 килограми плодови полни со масло.

За производство на палмино масло во моментот се користат 20 милиони хектари земја, најмногу во Индонезија, Малезија, западна Африка и делови на Латинска Америка. Тоа е површина еднаква на пет Швајцарии.

А се користи практично секаде, од прехранбената индустрија, преку козметиката до био-горивото. Последново е она за кое доаѓа време да се регулира за да се обесхрабри растот на производството. Палминото масло може да се најде во дури 71% од масовно произведената храна и во 24% од другите производи за широка потрошувачка.

Неодамна, во неколку европски земји беше дури и забранета една симпатична анимирана анти-палмина божиќна кампања бидејќи била оценета како „премногу политичка“ 

Заради загриженоста околу тоа колку приходите од ова масло го охрабруваат уништувањето на природата, европскиот парламент донесе резолуција за негова забрана за правење био-дизел која првично требаше да стапи на сила во 2020 година но отпосле на маслото му се даде грејс период од уште десет години.

Заради ваквите намери, зборот ЕУ во земји како Малезија се доживува како пцовка.

 

 

3 декември 2018 - 14:38