Дали Европа ќе истовари војска во Украина?

Присуството на западни специјалци во Украина, кое веќе не се крие, се води како „патики на земја“, потешкото прашање за Европа е дали ќе смогне сили за испраќање на „чизми на земја“.

Откако предлогот на Макрон од пред една година за испраќање на европска војска во Украина беше одбиен како непрактичен и премногу ризичен, украинската војска заглави во сериозни проблеми, шансите за членство во НАТО издишаа, во Белата куќа дојде Трамп, а Киев отворено порача дека е подготвен на примирје само под услов да добие силни безбедносни гаранции.

Бројката што ја бара Зеленски, „доколку Европа е сериозна за обезбедување на ефикасна заштита“, е минимум 200.000 западни војници во Украина. За споредба, на Денот Д учествуваа 160.000 сојузнички војници.

За сега подготвеност за испраќање војници има само од балтичките држави, Полска не планира ни еден војник да испрати во Украина, и Германија е против тоа, а британскиот премиер допрва треба да се сретне со првиот човек на НАТО за да разговараат околу прашањето.

Предлогот на Макрон од пред една година беше европските војници да чуваат критична инфраструктура во заднината на Украина, да помагаат во обука, поправка на западно оружје и чување на белоруската граница, како би ослободиле украински војници да можат да се борат на фронтот.

По изборот на Трамп сега се разговара за европски војници како мировници во Украина.

Ваквата мисија треба да исполни три цели: да ја увери Украина дека има западна поддршка, да ја откаже Русија од нов напад и да покаже дека САД и ЕУ се посветени на гарантирање на украинската безбедност. Бонус, ова би било поевтино отколку бескрајно испраќање на милијарди евра воена помош на Украина.

Доколку се согласат на вакво нешто Европејците ќе треба да испратат доволно голема војска за да не бидат „мека мета“ која Русите веднаш би ја тестирале, да биде доволно голема за да нема потреба веднаш да се засилува, но не и преголема за да се смета како преќутно влегување на НАТО. По нив, оваа бројка е 40.000 војници и најверојатно би била составена од војници од Британија, Франција и Холандија, плус балтичките и нордиските држави. За сето тоа време улогата на НАТО ќе се држи на минимум за да се ограничи ризикот од ескалација со Русија.

Нивниот мандат најверојатно нема да биде класичен „мировнички“ бидејќи тие ќе бидат на страната на Украина, туку повеќе ќе бидат сила за стабилизација, нешто слично на американската војска во Јужна Кореја и КФОР на Косово.

По сета оваа анализа, Фајненшл тајмс на прашањето „дали ова некогаш ќе се случи,“ одговара со „најверојатно не“.

ФТ објаснува дека прво потребно е да се потпише мировен договор, а како дел од него Русија веројатно ќе бара гаранции дека странски војник нема да влезе во Украина, а од друга страна има минимални шанси Европа да прати свои војници во „жежок конфликт“.

Проблем е и тоа што дури и европските лидери да се решат да испратат војска, нивните парламенти и гласачи може да не се согласат со тоа. Во исто време никој не гарантира и дека САД би ја дале логистичката поддршка неопходна за операцијата.

23 јануари 2025 - 13:03