Според мислењето на Томас Фридман објавено во Њујорк Тајмс, Бенјамин Нетанјаху баш и нема некој план за Газа.
Врз основа на она што досега го кажал израелскиот лидер, неговата долгорочна визија изгледа вака: Седум милиони Евреи неприкосновено и вечно да управуваат со пет милиони Палестинци.
Според Фридман, ова е рецепт за катастрофа за Израел, Америка, Евреите насекаде но и за умерените арапски сојузници на САД.
Тој тврди дека Бајден мора да извади мировен план чија рамка може да биде планот на поранешниот претседател Трамп од 2020 година: решение за две држави и отстранување на Хамас од власт.
Во тоа време, Нетанјаху го пофали како „историски“, иако палестинските власти „глупаво“ го отфрлија целосно наместо да го гледаат како почетна точка за преговорите, пишува Фридман.
„Бајден треба јасно да каже дека Америка нема да биде корисен идиот на Нетанјаху“.
Голем проблем е што Нетанјаху сака да остане на власт и по војната, а единствениот начин да му успее тоа е да ги смири тврдокорните во неговиот кабинет - тоа му ги врзува рацете за договор со кој Газа би завршила управувана од Палестинците.
САД мора да го убедат во спротивното.
„Ако Израел го прифати планот за две држави, дури и со свои резерви, тоа би го уверило светот дека Израел во војната гледа само како на неопходна самоодбрана потребна за траен мир“, пишува Фридман.
Во есејот тој вели дека и Палестинските власти ќе треба да бидат подготвени за отстапки.