Чесите организираа проштална забава за коронавирусот

Ни најмалку разубедени од предупредувањата на СОЗ дека пандемијата не е ни блиску до крај, во Прага се организираше забава за симболично испраќање на вирусот.

Околу илјада гости седеа на 500 метри долгата маса поставена на Карлов мост, споделувајќи храна и пијачки што ги донеле од дома, со посебен нагласок на споделувањето со ближниот до себе.

За време на седенката немало никакво социјално дистанцирање.

На популација од 10 милиони жители, Чешка имаше помалку од 12.000 заразени, и околу 350 починати од вирусот.

Организатор на дружењето е Ондреј Кобза, инаку сопственик на кафуле во Прага, кој објаснува „сакаме да го прославиме крајот на кризата со коронавирусот така што ќе им дозволиме на луѓето да се сретнат и да покажат дека не се плашат од средби, дека не се плашат да земат сендвич од својот сосед.“

Местата на настанот требаше да бидат резервирани, и сите резервации беа активирани пред почетокот.

Освен журката, она што беше невообичаено за Карлов мост е што таму главно се зборувало на чешки јазик, исклучиво благодарејќи на недостатокот на туристи.

Чешка беше една од земјите кои најрано спроведе мерки за изолација и со тоа избегна поголемо ширење на пандемијата.

1 јули 2020 - 13:43