ЦЕО-то и добар дел на раководството на Боинг дадоа оставки

Првиот човек на Боинг, Дејв Калун, ќе ја напушти компанијата до крајот на годината, раководителот на одделот за комерцијални летала ќе се пензионира веднаш, а претседателот на бордот нема да бара реизбор, е исходот на неколкумесечната катастрофална серија на грешки што ги зафати авионите на Боинг.

Калун доаѓа во Боинг во 2020, откако неговиот претходник беше избркан затоа што во рок од пет месеци два нови 737 Макс авиони паднаа заради речиси идентичен дефект, при што загинаа 346 патници и членови на екипажот.

Кога доаѓа на првата позиција Калун ветува засилување на „безбедносната култура“ на Боинг и „изградба на довербата“.

Во јануари годинава се случи највпечатливиот дефект во мандатот на Калун, кога сред лет експлодираше вратата на нов Боинг 737 Макс на Аљаска ерлјанс. Државната истрага околу овој инцидент заклучи дека на вратата не биле ставени четирите шрафови кои треба безбедно да ја прицврстат за авионот.

Во писмото за оставката до вработените самиот Калун го наведува инцидентот со Аљаска ерлјанс како пресвртница за Боинг и дека на тоа морало да се одговори со „понизност и комплетна транспарентност.“

Само во јануари на Боинг му се случија уште 4 инциденти по оној со вратата на 5 јануари. веќе на 13 јануари Ол Нипон ервејс е присилен да го откаже полетувањето заради пукната шофершајбна во пилотската кабина.

На 17 јануари министерот за надворешни работи на САД, Ентони Блинкен го смени својот лет со Боинг 737 заради потенцијално протекување на кислород.

На 19 јануари се појавуваат снимки од оган како излегува од Боинг 747-8 над Мајами, по што итно е вратен на аеродромот.

На 20 јануари на Боинг 757 на Делта ерлајнс му се откачува тркало додека се мести за полетување.

25 март 2024 - 15:04