Британските власти охрабруваат инцест

Критиките од јавноста ја принудија англиската здравствена служба да ја скрие препорака за склучување брак помеѓу први братучеди. Но, овие бракови се легални во Британија и владата нема план да ги забрани, наспроти огромните ризици за здравјето на потомството. Препораката се толкува како обид на властите да ги заштитат „традиционалните вредности“ на мигрантите.

Бракот со прв братучед создава посилни системи за поддршка на проширеното семејство, а нуди и економски предности, наведе англиската Национална здравствена служба (НХС) во официјалната Програма за геномско образование, која веќе е повлечена од интернет. 

Во препораката се признава дека децата родени од први братучеди се соочуваат со зголемен ризик од наследни нарушувања, но се додава дека „многу други работи го зголемуваат овој ризик, како алкохолот, пушењето и возраста на родителите. Ниту едно од ова не е забрането во Британија“.

Иако ризикот од генетски нарушувања се зголемува од 2-3% за општата популација на 4-6% за децата од први братучеди, повеќето деца се сосема здрави... Генетското советување, иницијативите за подигање на свеста и кампањите за јавно здравје се важни алатки за да им се помогне на семејствата да донесат информирани одлуки без да стигматизираат одредени заедници и културни традиции, се вели во упатството.

Бракот помеѓу први братучеди во Британија е легален, што е последица на стар закон усвоен за да ја заштити традицијата на аристократијата да склучуваат бракови со блиски роднини за да го задржат имотот. Истражувања покажуваат дека кај деца на генетски тесно поврзани родители почесто се пренесуваат српеста анемија, цистична фиброза и многу други здравствени состојби. 

Во културите што поттикнуваат брак меѓу први братучеди, исто така, почесто има случаи на семејни насилства. Конзервативниот пратеник Ричард Холден ја обвинува владата на Кир Стармер дека „отвора задна врата за мигрантите, преку охрабрување на културните традиции на насилство врз жените.

Нашиот NHS треба да престане да се повлекува од штетните и угнетувачки културни практики. Стармер треба да престане да се плаши од професори по социологија опседнати со културниот релативизам, и да ја забрани практиката што огромното мнозинство, од секоја заедница во Британија, сака да заврши засекогаш, изјави Холден.

Ново истражување на агенцијата Југов укажува дека дури 77% од Британците бараат законска забрана на такви бракови. Но, некои пратеници се уште ги поддржуваат. Независниот Икбал Мохамед изјави пред Парламентот дека брачните заедници помеѓу први братучеди се важни за културата и традицијата на многу семејства.

Резултати од истражување спроведено во Брадфорд, каде што има голема пакистанска заедница, покажува дека секое шесто дете е родено во брачна заедница на први братучеди. Меѓу овие деца имало повеќе со проблеми со говорење, когинитивен развој и општа здравствена состојба.

Практиката на склучување брак со братучеди е легална во Британија уште од 1500-тите години, кога на кралот Хенри Осми му беше овозможено да се ожени со Кетрин Хауард, братучетка на неговата поранешна сопруга. Сега е регулирана согласно Законот за брак од 1949 година. Владата истакнува дека нема планови да го промени законот.

Брак помеѓу први братучеди е легален во многу европски земји – Франција, Германија, Шпанија, Белгија, Данска, Швајцарија, Австрија, Чешка, Финска и Холандија. Го дозволуваат и Канада, Австралија, Аргентина и Чиле, како и повеќето блискоисточни земји. 

Во Македонија е забранет, согласно Членот 20 од Законот за семејство: „Не можат меѓу себе да склучат брак крвни роднини во права линија (дедо, баба, мајка, татко и внуци), како ни родени браќа и сестри, брат и сестра по татко, односно по мајка... ниту први братучеди“.

******
Види и: Сте ја забележале „хабсбуршката вилица“?

6 октомври 2025 - 08:25