Британија забрани транс-жени да користат тоалет за жени

Британските власти со специјална одлука им наложија на трансродовите лица, во јавни објекти во кои немаат специјални простории, да ги користат тоалетите или соблекувалните согласно својот биолошки пол, а не врз основа како што се идентификуваат. Сепак, на персоналот му се препорачува да не ги испрашува сомнителните лица што користат женско ВЦ.

На новото државно упатство се чекаше цела година откако Врховниот суд донесе историска одлука дека дефиниција за жена според Законот за еднаквост треба да се базира на биолошкиот пол.

Според новите упатства од Комисијата за еднаквост и човекови права (EHRC), одобрени од министрите, трансродовите жени - биолошки мажи кои се идентификуваат како жена - не смеат да користат женски тоалети или соблекувални, според „кодексот на пракса“.

Целта на упатството е да им се овозможи на луѓето да живеат без дискриминација и вознемирување, изјави министерката за жени и еднаквост, Бриџит Филипсон.

Ажурираниот „Кодекс на пракса“ се однесува на секоја организација што нуди услуги на јавноста, вклучувајќи продавници, теретани, владини оддели, здравствени установи, полиција, затвори, хотели, ресторани, театри, кина и болници. Упатството, исто така, ги опфаќа приватните или добротворните организации што нудат јавни услуги, како што се домови за стари лица или приватно управувани центри за рекреација.

Сепак, во упатството со повеќе од 300 страници се предупредуваат фирмите и установите дека „не би било практично или соодветно“ нивниот персонал да испрашува или да легитимира лица за кои се сомнева дека користат погрешен тоалет или соблекувална.

Не е секогаш можно да се биде сигурен за полот на една личност врз основа на нејзиниот изглед. Официјалните документи, како пасошите или возачките дозволи не даваат сигурен доказ бидејќи тие можат да се променат откако ќе бидат издадени сертификати за признавање на полот... Ако „поединците се прашани за нивниот пол на начин што бара од нив да ги откријат овие информации јавно, или ако јазикот или начинот на барањето е груб, борбен или навредлив“, ова може да се смета за дискриминација или вознемирување“, пишува во Кодексот.

Се додава дека на трансродовите лица треба да им се понуди трет родово неутрален приватен простор.

Оставањето на трансродово лице без пристап до какви било установи или услуги може да биде дискриминаторски, пишува во упатството.

22 мај 2026 - 09:05