Бразилски фармери веруваат дека имаат право да палат

„Оние луѓе кои живеат во големите градови како Рио или Сао Паоло мислат дека ние треба да живееме од трошките кои ни ги фрлаат. Таквиот живот ничие наше дете нема да однесе на факултет,“ вели селанец од избирачката база на Болсонаро, оние кои едвај чекаа некој од горе да намигне за да ги забревтаат багерите по Амазонија.

Откако дојде на власт во јануари годинава, бразилскиот дел од Амазонија (две третини од вкупната површина) губи шума со ритам од два Менхетна неделно. Годинава е трагично рекордна во секој поглед: преку 40.000 пожари, двојно повеќе од цела ланска година. 17% од шумите веќе ги нема.

Светот е алармиран но бразилскиот Трамп тоа го смета за мешање во внатрешните работи. Кога Макрон сакаше да ја прилагоди агендата на Г7 констатирајќи дека „куќата ни гори“, Болсонаро тоа го отфикари како колонијалистичко размислување.

За неполна година се избришаа резултатите од она што со децении се правеше во Бразил. Под лидерство на работничката партија, Бразил стана глобален шампион во заштита на шумите и нивната сеча за 11 години беше намалена за 85%.

Болсонаро кој и во кампањата најави дека ќе ги отвора шумите за развој (фарми, ниви, брани, патишта) системски осакати две битни институции за заштита на Амазонија. Агенцијата ФУНАИ која го штити земјиштето на домородните луѓе доби двојно помал буџет а на ударната агенција ИБАМА кои беа командоси против оние кои сечат и палат шуми им беа затворени доста претставништва и канцеларии. Тие од ИБАМА претходно имаа сериозно одврзани раце, да пленат па дури и да палат багери и трактори кои на диво прават белји, за да не може повторно да бидат користени. 

Во 70-тите години владата испраќаше цели контингенти луѓе за да го развиваат Амазон за подоцна да се сврти против нив со драконски казни и конфискации. Токму тие беа најодушевени од победата на Болсонаро и неговата победа веднаш ја протолкуваа како сигнал дека работите се враќаат по старо, кога немаше многу регулатива за тоа кој што прави по Амазонија.

„Ние сме овде затоа што владата, онаа која сега нè вика бандити и криминалци, нè има испратено овде!“, потсетува еден фармер кој вели дека нема да прифати да живее онака како што тоа за него го одредиле разгалените луѓе од големите градови.

26 август 2019 - 08:58