Мајсра Данијал (38), таксист од Газа, живеел во стан од 140 квадратни метри во кампот Џабалија, кој сега е уништен. Неговите баба и дедо во 1948 година биле протерани од селото Јибна далеку на север. Со себе во Газа го донеле клучот од домот, надевајќи се дека ќе се вратат. Но, денес урнатините на Јибна се археолошки локалитет во Израел. Данијал не може да се врати во својот дом во Џабалија, бидејќи тој е во делот што е под израелска воена окупација. Клучот од Јибна можеби сè уште е под остатоците од зградата. Таму се закопани и неговите документи.
Повеќето од 1,9-те милиони раселени лица во Газа - речиси 90% од вкупното население, ги оставиле имотните листови зад себе додека бегале од бомбардирањата. Други, пак, воопшто и немале официјална документација. Оние, пак, кои имаат тапии тешко можат да препознаат каде им биле домовите, бидејќи цели населби се срамнети со земја.
По примирјето, израелските сили окупираат повеќе од половина од територијата на Газа и постојано ја шират зоната на контрола. Се прават планови за нови бегалски кампови, мултинационални бази, па дури и за изградба на луксузни комплекси.
Стравувајќи дека доживотно ќе останат бездомници згрижени по кампови, Палестинци ги пребаруваат урнатините за да најдат какви било документи што би можеле да им послужат како доказ за сопственост – од потврди за платен данок на имот до сметки за вода.
Мораме да докажеме дека имаме право на оваа земја, бидејќи работите можат драстично да се променат. Постои страв од присилно депортирање, протерување на луѓето од нивните домови и трајно одземање на источните области, вели Мохамед ал-Сака, правник од палестинска невладина организација.

Израелското бомбардирање ги уништи адвокатските канцеларии низ Газа, како и просториите на адвокатската комора. Тоа значи дека неповратно се изгубени децениски договори за имот во хартиена форма – кои се клучен доказ за сопственост.
Утре може да ги нема ни оние најосновни бирократски услуги што останаа. Адвокатот што го чува вашиот купопродажен договор денес е тука, но утре може да биде убиен, додава Сака.
Напорите се концентрирани на одделенијата што ги дигитализирале евиденциите пред војната. Тоа не значи дека имотите се точно омеѓени. Во имотниот систем се судираат права што останале од отоманското, египетското и британското владеење. Некои луѓе живеат на земјиште кое сè уште се води под име на египетски гувернер, други го стекнале преку договор на рати со претходните власти и сè уште ги отплаќаат договорите од 1950-тите.
Имотот во многубројните бегалски кампови во Газа има посебен статус. Во пракса, тој се купува и се продава, но не е заведен во регистарот за недвижности.
Секој случај на докажување на сопственоста без имотен лист е посебен предизвик. Се комбинираат алтернативни докази, како сметки за струја, фотографии од имотот, изјави од поранешни соседи или потпишана изјава од шефот на месната заедница.
Како докази се користат и општински казни за прекршоци ако некои фрлале ѓубре каде што не треба или ако чувале кокошки во домот, објаснува Махмуд ал-Хур, координатор за правна помош во невладина организација.