Иако Џо Бајден на изборите доби рекордни 80 милиони гласови, на тие избори Доналд Трамп доби 11 милиони гласи повеќе отколку на претходните, зголемувајќи ја поддршката во неочекувани средини - латино гласачите, црните гласачи и особено жените, ЛГБТ заедницата (види: Трамп ѝ обезбеди иднина на Републиканската партија).
„Како претстедател кој лажеше цело време, неговата најголема лага беше дека тој и неговата администрација се пријатели на работничката класа,“ вели Берни Сандерс.
Тој потсетува дека иако Трамп има поставено најмногу милијардери во државна служба во историјата, унапредуваше анти-синдикални соколи, проба да извади 32 милиони луѓе од здравствената помош и обезбеди сериозни даночни олеснувања за најбогатите додека промовираше кратења на трошоците за образование, исхрана и домување, огромен дел од обесправените Американци и натаму го сметаат за нивен човек.
Кога десетици милиони луѓе живеат во страв и неизвесност дали утре ќе можат да се прехранат а доларите кои ги добиваат реално вредат исто колку доларите пред 47 години, факт е дека Трамп и натаму се перцепира како цврста рака и фајтер кој се бори против мочуриштето, не само на Демократите туку и на членови на Републиканската партија кои ги смета за дел од длабоката држава.
Искусниот Сандерс смета дека ако Демократите сакаат да избегнат губење на дополнителни милиони гласови на следните избори, конечно мораат да се фокусираат на работниците кои се во огромен очај.
„За да го сторат тоа, тие мора да покажат храброст да им застанат на пат на оние моќни структури кои со децении се во војна со работниците - Вол Стрит, фармацевтската индустрија, воено-индустрискиот комплекс, здравствените осигурителни компании, индустријата на фосилни горива, приватните затвори и многу други профитабилни корпорации кои се темелат на експлоатација.
Сандерс се согласува со мислењето на Зејнеп Туфекџи од Атлантик дека следниот американски Трамп ќе биде многу покомпетентен:
„Оние кои доведоа до поразот на Трамп се разбирливо уморни. Политичка дремка од неколку години веројатно им изгледа привлечно, но вистинската порака од овие избори не е дека Трамп изгуби а Демократите победија, туку дека изгуби слаб и неталентиран политичар, додека неговата партија ги зграби сите полуги на другите гранки на власта кои можеа да се зграбат. Тоа е перфектен сетап талентиран десничарски популист да влезе во Белата куќа во 2024 година. И не се залажувајте, тие веќе размислуваат за тоа.“