Следниот американски Трамп ќе биде многу покомпетентен

Трамп покажа дека знае да одигра одличен флеш ројал но не и да развие дамин гамбит. Тие што сега би да одморат после неговиот пораз од дементниот Бајден прилично се наивни. Трамп ја остави Републиканската партија во силна позиција од која лесно се размислува како да најдат друг Трамп со подолг рок на траење.

Сега по изборите може да се мозга колку Трамп беше застранување („Тоа не сме ние!“) или сепак беше очекуван плод на американското општество и неговите парадокси.

Од меѓународна перспектива, можат да се се извлекуваат паралели со слични политички калибри кои се потпираат на авторитарен модел на управување: Болсонаро во Бразил, Орбан во Унгарија, Путин во Русија, Моди во Индија, Ердоган во Турција. И политички и реторички, Трамп има доста сличности со оваа екипа.

Па сепак, постои една клучна разлика: тоа се политичари кои се талентирани и успеваат да добијат избори во серија, попат вешто навигирајќи низ политичките премрежја кои им се случуваат.

Од друга страна, Трамп е премногу недисциплиниран, своеглав и егоистичен за таква - за неговиот темперамент досадна - политичка игра. Тој покажа дека нема капацитет за стратешко позиционирање, за плетење пошироки мрежи и коалиции кои ќе му се најдат на подолг рок. Накратко, знаеше да одигра фасцинантен флеш-ројал но не и да развие дамин гамбит, потпирајќи се на својата навистина фасцинантна спсособност, во живо или преку Твитер, да гради силни емотивни врски со својата гласачка база.  

Од неговиот пораз задоволни можат да бидат не само Демократите туку и Републиканците поради фактите за кои пишувавме во „Трамп ѝ обезбеди иднина на Републиканската партија“. Не се работи само за кастингот на Врховниот суд и мнозиниснтвото во Сенатот туку и за историски најдобрите позиции што, благодарејќи на Трамп,  Републиканците сега ги имаат во однос на некои малцински и родови групи. 

„Оние кои доведоа до поразот на Трамп се разбирливо уморни. Политичка дремка од неколку години веројатно им изгледа привлечно, но вистинската порака од овие избори не е дека Трамп изгуби а Демократите победија, туку дека изгуби слаб и неталентиран политичар, додека неговата партија ги зграби сите полуги на другите гранки на власта кои можеа да се зграбат. Тоа е перфектен сетап талентиран десничарски популист да влезе во Белата куќа во 2024 година. И не се залажувајте, тие веќе размислуваат за тоа,“ пишува Зејнеп Туфекџи за Атлантик.

11 ноември 2020 - 11:35