„Во една иронија за која тој е неспособен да ја сфати, Доналд Трамп во последниов пораз доби нешто многу битно за партиската бирократија на Републиканската партија која тој со особен мерак ја понижуваше пред 4 години: иднина“, пишува Мат Таиби.
Трамп и овојпат ги исмеа медиумските анализи и одигра послабо кај белите мажи, но затоа на конто додаде речиси од секое друго демографско множество. 26% од гласовите за него доаѓаат од не-бели гласачи, што е нависок процент за Републиканците уште од 1960 година. Политичарот кој стана познат, или озлогласен, изјавувајќи дека мексиканските имигранти „носат дрога, носат криминал, силуваат“, помина зачудувачки добро кај латино гласачите - меѓу 32% и 35% латиноси гласале за него.
Уште пофасцинантни се резултатите кај црнците. Тој речиси ја удвои поддршката меѓу црните жени (од 4% во 2016 на 8% сега). а кај мажите порастот е од 13% на 18%. Да не се заборави, ова се резултати по 4 годишно постојано медиумско оцрнување дека и самиот, не само што е расист туку е некрунисан лидер на движењето за белата надмоќ.
Трамп зачудувачки добро пројде и во ЛГБТ заедницата во која поддршката за него порасна од 14% на 28%. Во септември, сондажа на една апликација за квир мажи покажа дека тој има поддршка од 45% геј мажи. Тој ја подобри неговата позиција и кај белите жени и покрај сите негови скандали и сељачки муабети на таа тема.
Бајден освои големи 57% од факултетски образуваните луѓе и ги собра градовите, Трамп освои 60% од малите места и руралните области.
Таиби проценува дека Трамп ги изгуби изборите првенствено заради лошото менаџирање на пандемијата која за 41% од гласачите е тема број еден на денешнината. Тие имаат гласано 3:1 во корист на Бајден. Меѓутоа, меѓу гласачите на кои главна секирација им е економијата - а такви се 28% од електоратот - Трамп освои неверојатни 80% од нивните гласови.
Сето ова води кон еден драматичен заклучок: Трамп не направи многу за да ја заслужи довербата на црните, латино гласачите, ЛГБТ и белите жени но резултатите зборуваат дека упорното одбивање на Демократите да се зафатат со проблемот на економската нееднаквост и другите класни теми отвораат нов, неочекуван простор за Републиканците.
Тоа добро го насети Републиканецот Џош Хаули кој на денот на изборите порача:
„Ние сме сега работничката партија. Тоа е иднината“.