На 31 октомври 1803 година, фрегатата „Филаделфија“ се насука додека бркаше берберски пирати близу Триполи. Пиратите ги задржаа сите 307 членови на екипажот како заложници и побараа откуп. Наместо да им плати, американскиот претседател Томас Џеферсон испрати американски фрегати да ги ослободат заложниците и почна две војни против пиратите. Тоа ја забрза изградбата на американската морнарица и ја почна долгата традиција на гарантирање слобода на пловидба на отворено море, што е витален интерес и основен принцип на надворешната политика на САД. Сè досега.
Два века подоцна, САД имплицитно го поддржаа обидот на Иран да го монетизира Ормускиот проток. Претседателот Трамп ја остави таа можност во Меморандумот за разбирање, а потоа и самиот предложи САД да наплаќаат по 20% од вредноста на товарот за секој трговски брод што ќе го спроведат безбедно низ теснецот.
Конвенцијата на ОН за правото на морето утврдува слобода на транзит за комерцијалните бродови. Членот 44 ги обврзува граничните држави да не го попречуваат или суспендираат преминувањето. Иако ниту САД ниту Иран не ја ратификувале Конвенцијата, државниот секретар Марко Рубио се повика на меѓународното право и истакна дека ниту една земја не може да наплаќа патарина на меѓународен воден пат. Објасни дека американската блокада на протокот е спроведена за да се овозможи слободна комерцијална пловидба. Но, заборави да потсети дека пред Американците да ја почнат војната, протокот низ теснецот беше слободен за сите.
Новата Национална стратегија за одбрана на САД никогаш експлицитно не се повикува на овој принцип. Всушност, уште пред неговата закана за наплата на надоместок, Трамп размислувал за поделба на приходите од патарината со Иран или за самостојно дејствување на САД, што ја одразува неговата општа скептичност кон концептот на „глобално заедничко добро“.
Ормускиот проток од оваа недела повеќе не е единствениот присвоен морски пат. Бунтовниците од Јемен го блокираа протокот Баб ел Мандеб помеѓу Аденскиот Залив и Црвено Море и пукаа во саудиски танкери кои му се приближија. По таа логика, Турција би можела да воспостави патарини за поминување низ Босфорот или Кина да наметне контрола на сообраќајот околу островите во Јужно Кинеско Море.

Стратегиската конкуренција од типот „победникот зема сè“ не го загрозува само отвореното море. Трамп не се откажува од опсесијата за анексија на островот Гренланд во битка за пристап и контрола на енергетски и минерални ресурси на Арктикот. На територијалните претензии на петте северни земји - САД, Русија, Канада, Норвешка и Данска (преку Гренланд), се приклучи и Кина, која се прогласи за „блискоарктичка држава“.
Вселената станува нов Див Запад, бидејќи слабо е регулирана со меѓународното право. Приватни вселенски компании поставуваат јата комуникациски сателити, кои ја преполнуваат ниската орбита. Се развиваат проекти за копање руда на Месечината и на астероиди. Технолошките гиганти планираат да изградат дата-центри и погони на Месечината, што подразбира градење бази и омеѓување недвижен имот надвор од нашата планета. САД, Јапонија, Обединетите Арапски Емирати и Луксембург донесоа закони со кои се овластува комерцијален вселенски бизнис.
Кризата околу Ормускиот проток можеби е предвесник на цивилизациски раскол, својствен за страшниот период меѓу поредокот што исчезнува и она што доаѓа потоа, забележува Роберт Менинг, експерт од Центарот за стратешко предвидување при Институтот Стимсон.