Барак Обама го освои вториот мандат

Охајо повторно се покажа пресудно за американската претседателска трка. Барак Обама го добива вториот мандат благодарејќи на ефикасна кампања темелена на испробана техника - оцрнување (метафорично де) на противникот.

Иако Мит Ромни победи во Северна Каролина и пар други "демократски" држави, послдените Флорида и Вирџинија не мораа ни да бидат преброени за се заклучи дека благодарејќи на Охајо, исходот на изборната трка веќе е познат и Барак Обама добива уште 4 години во Белата куќа.

Првиот мандат Обама го доби кога во доба на очај понуди надеж и успеа да се претстави како вистински човек на вистинско место. Вториот го добива успевајќи да ги убеди гласачите дека неговиот противник е погрешен човек на погрешно место.

"Победи затоа што играше валкано", заклучуваат републиканските аналитичари.

Обама и неговиот штаб успеаа изборите, наместо национален референдум за економските прашања да ги претворат во национален тест за подобноста на Мит Ромни да биде претседател на САД.

Истата тактика се покажа успешна и за Џорџ Буш во 2004-тата година кога тој успеа да го наметне прашањето за не баш сјајното војничко досие на својот противкандидат Џон Кери.

Мултимилионската изборна кампања на Обама насочена кон оцрнување на противникот започна уште кога Мит Ромни не беше сигурен дека ќе биде избран за кандидат на Републиканците, но клучен момент беше објавувуањето на тајно направената снимка во која Ромни несреќно деградираше 47 проценти од изборното тело тврдејќи дека не плаќаат данок а се претставуваат како жртви.

Експертите велат дека Ромни погрешно проценил дека лошата економска состојба сама по себе ќе ги сврти гласачите во негова корист. Обама не ја негираше но успеа да ја одржи перцепцијата дека за кризата е виновен неговиот претходник. Опоравувањето од Буш оди некако слабо и бавно, но сепак е опоравување.

"Заборавија дека на гласачите треба да им се даде причина да гласаат за Ромни а не само причина да гласаат против Обама," вели еден аналитичар.

Медиумскиот мерач покажува дека Демократите настапија со три пати повеќе негативни реклами за противникот отколку Републиканците. Се проценува дека особено успешни беа нивните реклами со кои го зголемија јазот меѓу Ромни и двата клучни неопределни демографски блока - хиспаноамериканците и жените. За таа цел, обилно се користеа контроверзните републикански изјави за абортусот и силувањето иако самиот Мит Ромни сосема јасно се одреди по тие прашања.

 

 

7 ноември 2012 - 07:11