Бајден го прогласи Путин за убиец

Во интервју за Еј-би-си, американскиот претседател се согласи дека рускиот претседател е убиец, и дополни дека веќе му има кажано на Путин дека „ќе плати“ за мешањето во американските избори.

Изјавата следува само еден ден откако американските разузнавачи објавија извештај според кој Путин наредил операции за мешање во американските избори на штета на Бајден, а во корист на тогашниот претседател Доналд Трамп. Истите овие луѓе, истото ова го тврдеа и за изборите 2016.

Бајден објаснил дека имал „долг разговор“ со рускиот лидер, во кој наводно Бајден му рекол „те знам и ти ме знаеш, ако утврдам дека ова навистина се случило, тогаш биди подготовен.“

На прашање од водителот дали смета дека Путин е „убиец“, Бајден потврдно одговорил.

Американскиот претседател изјавил дека во минатите разговори со Путин му рекол „те имам погледнато во очи и мислам дека немаш душа“. Ова е рефернца на една изјава на Џорџ Буш од 2001, кој изјавува дека го погледнал Путин во очи и „успеал да види траг од неговата душа“.

Бајден дополнил дека сепак е можно „да и одиш и да џвакаш мастика во исто време за оние работи за кои е во наш обостран интерес да работиме заедно“. Ова се однесува на продолжувањето на пактот за нуклеарно вооружување.

 

17 март 2021 - 13:47