Тврдењето е на пензионираниот американски генерал-мајор Гордон Дејвис, кој своевремено работи и за НАТО заради неговата воздухопловна експертиза.
Дејвис смета дека авионите веќе прават разлика на фронтот и дека како ќе пристигнат повеќе авиони така истите и повеќе ќе помогнат. Меѓутоа објаснува и дека моделите што ги добива Украина „имаат одредени проблеми со дометот и ранливоста“ и дека „дури и најдобрите системи да ги ставиме во тие авиони тоа и понатаму нив нема да ги направи супериорни во однос на најдобрите руски авиони.“
Авионите што Украина ги има добиено се од постарите модели на Ф-16, што значи дека имаат поограничени капацитети, вклучително и послаби радарски системи.
Наспроти ова, Дејвис проценува дека Русија има „неколку стотици прилично напредни авиони“ од моделите СУ-35С, СУ-30СМ и МиГ-31. Овие авиони се опремени со Р-37М воздух-воздух проектили кои имаат поголем домет од АИМ-120 воздух-воздух проектили со кои се опремени украинските Ф-16.
Во август Вол стрит журнал објави дека авионите што ги доби Украина „се втора рака и веќе имаат одработено децении летови“. Експертот за воена авијација од РАНД корпорацијата, Мајкл Бонер, овие авиони ги опишува како „постари авионски шасии кои немаат преостанато уште многу живот“, дополнувајќи дека тоа не мора да значи дека се лоши, но и дека како авионите стареат така им се појавуваат повеќе проблеми.
Освен надградбите направени пред авионите да бидат испорачани, кои главно го олеснија маневрирањето со леталата, САД сега размислуваат за испраќање на нови модели на ракети со далеку поголем домет од оној на сегашните АИМ-120.
Според Дејвис тоа би било добро, но американските авиони и понатаму ќе бидат инфериорни во однос на руските.
Освен руската авијација, Ф-16 се сериозно инфериорни и во однос ПВО системите што Русија ги има распоредено. ПВО системите што ги користат двете страни прилично ја ограничија улогата на авионите во војната.
Резултатите на Ф-16 флотата на Украина се ограничени и од малиот број на авиони што е испорачан, бавната испорака и уште побавната обука на украинските пилоти за управување на сосема непознатата американска воздухопловна платформа.