Авганистан: Војна за ништо

Што беше поентата на целото уништување, убивање и мизерија која ни ја донесоа? Тоа ги праша новинарите на Ројтерс еден механичар од авганистанскиот град Баграм. „Поарно ќе беше ич да не дојдоа.“ 

Таа бесцелна воена авантура траеше 20 години. Однесе 240.000 животи на луѓе, од кои 71.000 беа цивили. А само Американците ги чинеше еденв трилион долари. 

За што?

Како што стојат работите, Авганистан денес е во речиси идентична ситуација како пред да почне операцијата Enduring Freedom во ноември 2001 година. Авганистан останува една од најсиромашните земји на планетава. Талибанците се враќаат на сцена (види: Авганистански војници започнаа бежанија по други земји) и до крајот на годинава најверојатно ќе го освојат и Кабул. А Ал Каеда се опасни и моќни како секогаш.

По сите стандарди, Американците и нивните сојузници цели две децении водеа војна за ништо. И тоа цело време беше фундаментален проблем на овој ангажман. Што немаше конкретно остварливи цели, стратешки точки, немаше вистински крај.

Сите овие 20 години, американските лидери се обидуваа да остават впечаток дека работите одат во посакуваниот правец. Уште во 2003 година, Доналд Рамсфелд кој тогаш беше секретар за одбрана изјави дека е дојдено до точка во која од борбени активности, се минало во период на стабилност, стабилизација и реконструкција. Мисијата исполнета. Само што не беше исполнета. Никогаш.

„Повлекувањето на Американците Талибанците го слават како своја победа. Не се работи за победа, се работи за тоа дека Американците дигнаа раце“ пишува Тим Блек.

Според него, суштинска причина поради која Американците не направија ништо во Авганистан е што таа војна никогаш и не беше за самиот Авганистан, туку беше војна дизајнирана од политичките елити во Вашингтон и Лондон.

7 јули 2021 - 19:52