Авганистански војници започнаа бежанија по други земји

Американците останаа во Авганистан катаљарда години со алиби дека ја подготвуваат домашната војска и другите институции сами да ја контролираат ситуацијата во земјата. Војската сега покажува дека е спремна за она што никогаш го нема вежбано со Американците; да бега по комшии.

Напредувањето на Талибанците на северот од земјата се забрзува и тие без проблеми за кратко време зазеле неколку нови окрузи во Авганистан, соопштуваат официјални лица во Кабул.

Деновиве околу 300 војници на авганистанската војска преминале во соседен Таџикистан, кој ги прима „водејќи се од начелата на хуманизам и добрососедство.“

Талибанците сега контролираат една третина од вкупно 421 округ во Авганистан. Според локални извори, поголемиот дел од окрузите паѓаат во нивни раце без никаква борба.

Во последните деновиве зазеле десет нови окрузи од кои осум без борба.

За нивниот успех главно се обвинува падот на моралот меѓу војниците кои се бројно надмашени и слаби со залихи.

5 јули 2021 - 08:12