Со не баш големо мнозинство (330 гласа „за“ и 275 „против“) парламентарците го поддржаа предлог-законот со кој на некои неизлечиво болни луѓе ќе им се даде право да го прекинат својот живот.
Се проценува дека законот ќе стапи на сила дури после околу три години, додека ги мине сите потребни правни процедури, меѓу кои и благослов од домот на лордовите а следната процедурална рунда не може да се случи пред април следната година.
Гласањето дојде по повеќечасовна и емотивна дебата во која се дискутирало за етика, тага, закон, вера, криминал и пари.
Стотици луѓе од двете страни на темата се собраа пред Парламентот. Поддржувачите велат дека законот ќе им обезбеди достоинство на оние кои умираат и ќе го спречи нивното непотребно страдање. Противниците пак, тврдат дека тој ќе ги подлегне на ризик ранливите луѓе, потенцијално принудени, директно или индиректно, да го прекинат својот живот за да не станат нечиј товар. Поддржувачите на законот раскажуваа потресни приказни за луѓе и членови на нивни семејства кои страдале во последните месеци од својот живот, некои од нив прибегнале и кон тајно планирано и изведено самоубиство, бидејќи сега е кривично дело да се помага во тоа.
Кир Стармер го поддржал предлогот но шестмина членови на неговиот кабинет биле против.
Патем, постои извесна разлика меѓу поимите еутаназија и асистирано самоубиство. Во првиот случај, некој друг ја вбризгува смртоносната доза, во вториот, човекот сам го прави тоа.