Освен Нетанјаху на списокот на Хаг се и министерот за одбрана, Јоав Галант, како и тројца лидери на Хамас.
Со изгласаните санкции на обвинителот и останатите функционери на МКС вклучени во случајот околу Израел, им се забранува пристап во САД, инстантно им се укинува каква било виза и да имаат и им се забранува да прават пренос на имот во САД.
Спикерот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, изјави дека „МКС мора да биде казнет за оваа постапка, ние не можеме да дозволиме тоа да продолжи,“ порачувајќи што ако утре судот се дрзне да го направи истото за американски функционери.
Иако законот беше предложен од про-израелски републиканци за него гласаа и 42 про-израелски демократи, за на крај да биде усвоен со 247 за и 155 гласови против. Без разлика на мнозинството со кое е изгласан, се очекува дека тој ќе биде одбиен во американскиот Сенат.
Дел од демократските конгресмени кои гласаа против законот порачаа дека тој „претставува исмејување на меѓународниот поредок базиран на правила кој Американците помогнаа да се изгради.“
Минатиот месец главниот обвинител на МКС, Карим Кан изјави дека има издржана основа да верува дека петмината сносат „кривична одговорност“ за воените злосторства и злосторства против човештвото за време на војната во Газа.
Ова е прв пат во историјата МКС да обвини за злосторства висок лидер на близок сојузник на САД.
Доколку судиите на МКС одлучат да објават налози за апсење, тогаш ќе зависи од 124-те членки на судот дали ќе ги спроведат истите на своја територија.