Америка почна да размислува за пучеви

Поединечен е случајот но во каква калакурница е светов, нема да чуди ако некој ден навистина пренесеме вест дека „ноќва е срушена демократски избраната власт на САД и воспоставена е привремена револуционерна управа која ветува дека по брза постапка ќе се справи со ненародниот режим“.

ФБИ уапсил 12 лица кои ги опишува како дел од насилна милиција од повеќе сојузни држави кои имале план да ја киднапираат гувернерката Гречен Витмер, да ја држат како заложник и притоа да ја соборат власта во Мичиген.

За заверата службите почнале да дознаваат на почетокот на 2020 година кога двајца од уапсените го сковале нацрт-планот и почнале да регрутираат луѓе. Седум од заверениците биле членови на некоја милициска група која се нарекува Wolverine Watchmen.

„Членовите на групата дискутирале за начините како насилно да се смени власта и службите за одржување на мирот и поредокот,“ стои во обвиненијата кои ги има многу а добар дел од нив носат по 20 години затвор секое.

На состаноците на групата во која ФБИ рано успеала да вметне свој човек, заверениците дале завет дека ќе се раководат исклучиво од американскиот устав, контактирале електричари и водоводџии да им ја расветлат инфраструктурата во местото каде што планирале да делуваат, имале намера со експлозив да го разнесат последниот мост пред домот на гувернерката откако таа ќе го помине а во јуни и јули започнале со теренски вежби.

9 октомври 2020 - 14:46