
Светските влади и бизниси го сметаат садењето дрвја и возобновувањето на шумите за столб на достигнување на нула нето штетни гасови. Препораката на британски Оксфам е дека драстично треба да се намали уделот што пошумувањето го има во овој план.
Од Оксфам пресметуваат дека е потребно најмалку 1,6 милијарди хектари за до 2050 да се достигне нула нето штетни гасови само преку садење дрвја.
1,6 милијарди хектари е пет пати повеќе од територијата на Индија, или еднакво на целото земјиште што во моментов се користи за земјоделство.
Иако никој не предлага садење дрвја со тој обем, авторите објаснуваат дека извештајот дава претстава за опсегот на садење што ќе биде неопходен, и колку треба да биде ограничено пребивањето на загадување со нови дрвја ако сакаме да се избегне поскапувањето на цената на храната.
„Тешко е да се каже колку земјиште ќе биде потребно, бидејќи владите не се транспарентни за тоа како планираат да ги исполнат своите таргети за намалување на загадувањето. Меѓутоа државите и компаниите зборуваат за обновување на шумите и садење нови, а првото прашање е: каде ќе најдете земја за тоа?“ порачува ко-авторката на извештајот на Оксфам, Нафкоте Даби.
Процените се дека цените на храната до 2050 ќе пораснат за 80% доколку се претера со користење на пошумувањето за намалување на загадувањето. Би можеле да се искористат околу 350 милиони хектари земјиште - површина речиси колку Индија - без да се наруши земјоделското производство низ светот, меѓутоа кога ќе се соберат плановите од државите и компаниите низ светот, наскоро оваа површина ќе биде надмината.
„Веќе стотици милиони луѓе низ светот гладуваат. Треба да ги консултираме државите како планираат да го користат земјиштето, а државите и компаниите прво треба да ги намалат штетните гасови што ги испуштаат пред да се потпрат на нивно неутрализирање преку пошумување,“ објаснува Даби.
Освен што покажува дека садењето нови или обновувањето на старите шуми се меѓу најголемата закана за глобалната обезбеденост со храна, анализата заклучува и дека решенија базирани на природата, фокусирани на менаџмент на шумите, како земјоделско шумарство (комбинирање на посеви или пасишта со растење дрвја) или менаџмент на пасишта и земјиште, даваат далеку подобри резултати.
Пример Швајцарија планира да компензира 12,5% од своите штетни гасови преку проекти во други држави како Перу и Гвајана. Само за овие 12,5% од швајцарското загадување ќе биде потребно да се посади површина со големина на Костарика.
Или, на четирите водечки енергетски компании во светот ќе им биде потребна површина колку две Британии за да компензираат за своето загадување преку садење или обновување шуми.
„Премногу компании се кријат зад параванот на ’нула нето’ за да продолжат со своите валкани бизнис активности како и порано.
Главен пример за ова двојно размислување имаме кај нафтениот и гасниот сектор кои се обидуваат да го оправдаат своето сегашно вадење на фосилни горива со ветувања за нереални планови за отстранување јаглерод-двооксид за кои ќе бидат потребни апсурдни површини земја.
Нула нето таргетите се витални за справување со климатски промени. Некои влади и компании преземаат храбри чекори за намалување на загадувањето, меѓутоа моментално има премалку такви за да имаме реални шанси за избегнување на климатската катастрофа и масовниот глад и уништување кои доаѓаат со нив,“ порачал првиот човек на Оксфам ГБ, Дани Срискандараџах.