Канцеларијата на Белата куќа за менаџмент на буџетот детално го разгледува предлогот на републиканците од Претставничкиот дом и истиот го критикува дека во него е изоставена хуманитарна помош за луѓето од Газа, помош за Украина и сојузниците од Индо-пацификот. Проблем за нив е и што предлогот е чисто републикански а не двопартиски, што е вообичаено за ваква помош, и посебно кога е Израел во прашање.
Тие посочуваат и дека одделување на Израел од останатите приоритети на американската национална безбедност ќе има глобални последици.
Во пакетот, републиканците бараат 14,3 милијарди долари помош за Израел во борбата против Хамас, а парите треба да дојдат од кратење на средствата предвидени за финансирање на американската даночна служба.
Пред овој предлог Белата куќа објави план во вредност од 106 милијарди долари за засилување на националната безбедност на САД кој вклучува пари и за Израел и за Украина, плус за Индо-пацификот, хуманитарна помош и засилување на американската граница.
Републиканскиот предлог по Претставничкиот дом треба да биде прифатен и од Сенатот, каде демократското мнозинство и претходно порача дека сака да ја поврзе помошта на Израел и Украина.