Ирански безбедносни функционери го помогнале планирањето на молневитиот напад на Хамас и дале зелено светло за него за време на минатонеделниот состанок што го имале во Бејрут со Хамас и Хезболах.
Офицери на ИРГ уште од август работеле со Хамас на составување на планот за воздушен, копнен и поморски упад, а деталите околу операцијата биле договарани за време на состаноци во Бејрут.
Наспроти изјавите од Хамас и Хезболах кои ги пренесува Вол стрит журнал, министерот за надворешни работи на САД Ентони Блинкен изјавил дека „се уште немаме видено докази дека Иран управувал или е зад овој конкретен напад, иако тие имаат долгогодишна врска.“
Потврда на изјавите од Хамас и Хезболах, ВСЖ добива и од висок европски функционер и советник на сириската влада.
„Големиот план на ИРГ е да создаде повеќестран фронт кој ќе го опседне Израел од сите страни - Хезболах и ПЛА од северот, а Палестинскиот исламски џихад и Хамас во Газа и на Западниот брег, тврдат високи членови на Хамас и Хезболах и ирански функционер,“ пренесува Вол стрит журнал.
Истите овие извори тврдат дека Иран ги смирувал другите регионални конфликти што ги има, пример во Јемен против Саудиска Арабија, за да посвети време, финансии и обука на групи што се непријателски настроени кон Израел.
Целта, меѓу другото, е да се удри Израел дур земјата е во сериозна политичка криза, и да се нарушат преговорите меѓу двата непријатели на иранската држава, Израел и Саудиска Арабија под покровителство на САД, со што ќе се продолжеше серијата на израелско помирување со арапскиот свет.
Наводно од иранска страна операцијата за ставање под контрола на повеќе израелски непријателски групи ја води Исмаил Каани, првиот човек на Кудс огранокот во ИРГ. Каани уште од април започнува координација на неколку милиции, по која за прв пат Хамас почнува поблиску да соработува со Хезболах. Хамас иако под иранска капа, како сунитска група, долги години е третиран како „аутсајдер“ меѓу шиитските милиции под контрола на Техеран. На состаноците што претставниците на сите овие групи ги имаат изминатиов период, освен сите нивни лидери, се појавиле и самиот Каани и министерот за надворешни работи на Иран.