Според тужбата поднесена во Австралија, многу е веројатно дека Лангадинос имала „вистинска родова дисфорија“ но таа била „премногу млада“ и „очигледно“ имала потреба од „темелна психијатриска работа пред да започне со хормонскиот третман.“
Во тоа време психијатарот Патрик Тухиј заклучил дека Лангадинос навистина страдала од родова дисфорија (полот во кој таа е родена не одговара на родот со кој таа се идентификува), заради што е соодветна за хормонска терапија (тестостерон).
Лангадинос во февруари 2012 оди повторно кај Тухиј, и сака градите да и бидат хируршки отстранети. Психијатарот наводно не наоѓа зошто таа не би ги отстранила двете гради, што таа го прави 2 месеца подоцна.
Истата година, во мај, таа доаѓа пак кај психијатарот за да разговара за отстранување на матката. Тухиј повторно не гледа зошто таа не би можела да ја направи операцијата како дел од нејзината транзиција. Во ноември таа ја прави и оваа операција. На 22 годишна возраст Лангадинос останува и без гради и без матка.
Десет години подоцна Лангадинос повеќе не се чувствува како маж, а бидејќи психијатарот ги оверил нејзините претходни желби и хируршко отстранување на здрави делови од телото и органи, сега таа го тужи него за „професионална негрижа“.
Лангадинос прв пат сфаќа дека згрешила во 2016 за време на сесии со друг психијатар, кога станува пишман и за терапијата и за операциите.
Во тужбата се наведува дека пред да ја препорача хормонската терапија и операциите, Тухиј требал да знае дека на Лангадинос и е потребна дополнителна психијатриска процена од него и од психијатар кој специјализирал за проблеми како нејзиниот. Лангадинос тврди дека Тухиј бил небрежен што не и препорачал за нејзините операции да добие мислење од уште еден психијатар.
„Историски студиите покажуваат многу ниска стапка на каење кај луѓето кои извршиле транзиција, околу 1 процент. Сега, некои експерти не се сигурни дали тие студии се релевантни имајќи го предвид далеку поголемиот број на млади луѓе кои денес се жалат за родови проблеми, од кои две-третини се девојчиња на тинејџерска возраст. Голем број имаат проблем со ментално здравје,“ пишува Џули Сзего во текстот за Сиднеј морнинг хералд.
Лангадинос се жали дека имала многу комплицирано детство заради што развила чувство „дека некако е дефектна“. Ова само ескалирало низ годините и на 17-годишна возраст самата си дијагностицира, читајќи на интернет, дека има родова дисфорија. Откако го открива ова, почнува да расте нејзиното незадоволство од самата себе и се решава да транзиционира во машко.