Шулт работи како компјутерски инженер во Центарот за сајбер разузнавање на ЦИА и креира сајбер алатки кои можат незабележано да собираат податоци од туѓи компјутери.
Освен стандардните обвиненија за секое протекување на тајни на САД, како нелегално собирање и пренесување на информации од националната одбрана и попречување на кривична истрага, американските власти на Шулт му накалемија и дека тој собрал „илјадници и илјадници видеа и слики од деца кои се предмет на болна злоупотреба за негово лично задоволство.“
Судирот на Шулт со ЦИА почнува во 2015 кога тој има отворено несогласување со свој колега, кое завршува со прераспределување на двајцата на нови локации. Шулт имал проблем со тоа што ЦИА наводно сакале да ја аутсорсираат изработката на алатка слична на онаа што тој ја програмира.
Една година подоцна Шулт краде сајбер алатки и нивниот изворен код и ги префрла во Викиликс. Подоцна ова се обидува да го сокрие бришејќи ги сите траги дека пристапувал до системот.
Шулт ја напушта ЦИА во ноември 2016, а Викиликс во март 2017 го објавува првиот дел од Сеф 7 документите кои произлегуваат од двата програма до кои Шулт има пристап. Во овие документи се опишуваат активностите и капацитетите на ЦИА за електронско следење и сајбер војување. Меѓу нив и капацитети да упаднат во најразлични паметни автомобили, телевизори, речиси сите водечки меинстрим браусери, Иос и Андроид оперативните системи, како и Виндоус, Линукс и Макос.
По објавата на овие документи Викиликс доби назнака „не-државна непријателска разузнавачка служба).