Прво ЕУ институциите беа парализирани од европските избори, за сега целиот блок повторно да се стави на хибернација, која само ќе ескалира претстојните месеци, и да ги чека германските избори закажани за есента 2025.
Како што ќе објаснува еден ЕУ дипломат „во Брисел постои упадлив недостаток на итност.“
Дури и откако завршија изборите за ЕУ парламент, институциите на Унијата беа со крената рачна чекајќи Урсула фон дер Лејен да ја собере потребната поддршка за втор мандат. Откако Фон дер Лејен го доби мандатот, сега Парламентот треба да го потврди и изборот за министри во нејзината влада. Се очекува дека Европската комисија првиот состанок ќе го има на 1 декември, за нејзината работа потоа да биде повторно запрена од божиќните и новогодишните празници.
„Најмалку што можеме да направиме е да ја избереме Европската комисија пред изборите во САД,“ пренесува Политико изјава на ЕУ дипломат.
Главниот страв е неподготвеноста на ЕУ во случај на победа на Доналд Трамп во САД и остварување на неговото ветување дека ќе ја притисне Украина да преговара за примирје со Русија.
Во исто време ЕУ подготвува заем од 35 милијарди евра за Украина, но Киев продолжува да има проблеми со човечка сила и муниција за да се одбрани, и сериозни слабости на електричната мрежа која систематски е уништувана од Русија.
Дури и кога ќе поминат изборите во САД а Комисијата ќе биде составена, ЕУ повторно нема да може да се залауфа затоа што Германците ќе треба да гласаат на парламентарните избори 2025.
Еден од најголемите проекти кој ќе чека да завршат изборите, ќе биде предлогот за следниот 7 годишен буџет, кој од 2028 ќе треба да го покрие функционирањето на Унијата и сите планови и проекти од земјоделство до поддршка за Украина.
Самата предизборна кампања во Германија ќе значи дека германските кандидати ќе бидат присилени да ги одбиваат буџетските предлози што ќе доаѓаат од Комисијата, кои најверојатно ќе бараат поголем европски буџет. Тоа значи и дека нема да има промена на досегашната политика на Германија против зголемување на заедничкиот долг на Унијата, што беше проценето за неопходно за Брисел да може да им парира на Вашингтон и Пекинг.
Процената е дека ако германската предизборна кампања добие залет уште на почетокот од 2025, тогаш дури и преземањето на претседателството на ЕУ на Доналд Таск од Виктор Орбан, најверојатно нема многу да смени во насоката што ја постави Унгарија.
Аналитичари не очекуваат дека ЕУ ќе почувствува каква било потреба од итност во своите одлуки околу безбедноста и одбраната, дури и во случај Трамп да и наметне мир на Украина. Според нив единствено нешто доволно моќно да ја раздрма Унијата е повлекување на САД од НАТО.