Вознемиреноста на демократите околу тоа што републиканците не ја споделуваат нивната гневност околу Доналд Трамп и Русија, ја поддржува и авторот на текстот за Политико, Џејмс Кирчик, кој изминатава година во магазинот има објавено повеќе текстови околу тоа како Путин си игра со Трамп и републиканците.
"Меѓутоа без разлика колку демократите се во право за нивната дијагноза околу републиканското понижување, ним целосно им недостига самосвесност околу нивниот однос кон Русија.
Ова помага да се објасни зошто за конзервативците е проблематично сериозно да го сфатат либералниот гнев кон Русија: најголемиот дел од луѓето кои сега им држат лекции дека се 'пиони на Путин' го минаа најголемиот дел од изминатите 8 години слепо поддржувајќи демократски претседател, Барак Обама, чија дифолтна позиција кон Москва беше немоќ. За републиканците, овие скорешни демократски студени воини звучат како партиска хистерија, перцепција која не е комплетно погрешна," пишува Кирчик.
Во истата година кога доаѓа на власт, 2009, Обама најавува ресетирање на односите со Русија, со цел нов почеток на двете страни, и ваквото подавање рака се случува само неколку месеци откако Русија извршува инвазија на Грузија, за следната година Обама наредува повлекување на одбранбените системи од Чешка и Полска. Од тоа па до постојаното отстапување територија за руска воена интервенција во Сирија, "политиката на администрацијата на Обама кон Русија беше една долга 8-годишна серија на отстапки кон Москва."
"За време на неговите два мандата, Обама и дава мало значење на опасноста што Русија ја претставува за останатите сојузници, интереси и вредности на САД, и ги исмева оние кои предупредуваа на спротивното," објаснува Кирчик.
На списокот отстапки на Обама, тој го реди вознемирувањето на Израел и сунитите со попуштањето во односите со Иран, како и јапонската загриженост кон неволноста на Обама да се соочи со ревизионистички настроената Кина:
"Либералите се апсолутно во право што ја критикуваат администрацијата на Трамп за нејзиното отуѓување на сојузниците. Меѓутоа тие изгледа ја заборавија евиденцијата од владеењето на човекот кој претходните осум години служеше како претседател."
Во една ситуација пред изборите во 2012, Обама заборави да го исклучи микрофонот за време на еден приватен разговор со тогашниот руски претседател Дмитри Медведев, и беше снимен како му ветува дека ќе "биде пофлексибилен" кон Москва по претстојните избори ("Замисли го бунтот ако Трамп е фатен во сличен момент со Путин"). Кога за време на кампањата Мит Ромни порачува дека Русија е број 1 геополитички непријател на САД, Обама го исмева својот противкандидат, со потсмев порачувајќи: "Се јавија 1980-те и си ја бараат назад својата надворешна политика".
Откако Русија го анектира Крим, Обама продолжува да ја потценува руската закана, па запрашан од новинар неколку недели подоцна дали изјавата на Ромни од 2012 се покажа дека е точна, тој повторно ја отфрла опасноста објаснувајќи дека Русија "е регионална сила која се заканува на некои од своите најблиски соседи не заради моќ, туку заради слабост".
"Во Обама, Путин со право виде слаб и неодлучен лидер и се заложи дека употребата на тактики што Русија ги користи во својот пост-империјален двор ќе се исплатат доколку бидат употребени на американскиот демократски процес," пишува Кирчик.
Неговата процена е дека ако либералите сакаат нивната критика кон Трамп да држи вода, тие мораат да направат многу повеќе отколку да се извинат за навредата на Обама дека републиканците се ретроградни студени воини (реакцијата на американскиот претседател кога Ромни предупреди за опасноста од Русија). Според него, "либералите ќе мора да го отфрлат речиси целото дипломатско наследство од Обама, кое на секој чекор ја потценуваше Русија."
"За сега помодарската демократска внимателност кон Русија, изгледа речиси целосно мотивирана, ако не и исклучиво, од гневот околу (погрешното) верување дека Путин е причината што Клинтон ги изгубила изборите - а не заради агресијата на Кремљ врз неговите соседи, интервенцијата во корист на Асад, прекршувањето на нуклеарниот договор, или безброј други прекршоци.
Најголемиот дел од демократите беа подготвени да ја остават Русија да пројде неказнето за овие работи кога Обама му кажуваше на светот дека 'проблемите на нациите кои потекнуваат од поделби од одамна завршената Студена војна' се застарени, или дека Русија е само регионална моќ чија вмешаност во Сирија за нив ќе заврши како СССР во Авганистан, или кога се обидуваше да добие помош од Русија за неговото најголемо достигнување во надворешната политика, нуклеарниот договор со Иран.
Ако новооткриениот антагонизам на демократите кон Кремљ е повеќе отколку партиски активизам, тие ќе се противеа против најголемиот дел од надворешната политика на Обама, која речиси на секој чекор се повлекуваше пред руските приоритети," објаснува Кирчик.
Тој предупредува и на штетноста од тазе "осветените" либерали кои се нови во борбата и очигледно претерано компензираат со "што ја деградираат нашата граѓанска култура". Како пример ја наведува водителката на Ем-ес-ен-би-си, Џој Рид и нејзиниот на повеќе нивоа необразован твит кој понуди крунски доказ за тоа дека Трамп е руски шпион:
"Да ја ставиме на страна чудната импликација дека Трамп, со самото тоа што се оженил со две жени од поранешниот Источен блок, мора да е руски шпион. Тврдењето на Рид успева да смести три базични грешки во една реченица: 1. Иванка Трамп е родена во денешна Чешка република, не во Словачка. 2. Плус, Словачка, никогаш не била дел од Југославија, и 3. Југославија, иако социјалистичка, никогаш не била дел од Советскиот сојуз и е позната по својот отпор кон вклучувањето во Варшавскиот пакт.
Ова е тоа што се случува кога пристрасни демократи кои никогаш не изразиле трошка интерес за Русија пред 2016 се обидуваат да глумат искусни новинари.
Однесена предалеку, опсесијата на либералите со Русија би можела да ги повреди. Најголемиот дел од демократите изгледа дека вистински веруваат дека Путин е единствената причина зошто Клинтон не е првата претседателка на САД. Перцепцијата дека руското мешање е главното и најважно објаснување за нивните избори проблеми, им дозволува на демократите да игнорираат многу фактори - лош кандидат, неинспиративна и неуверлива платформа, левичарски политики што оддалечуваат многу Американци - кои го засенија она што требаше да биде лесна победа против најотровниот и најнеквалификуваниот поединец што некогаш се кандидирал за претседател," порачува Кирчик.