За време на дебатата во О.Н. околу руската инвазија на Украина сосема неочекувано јужноафриканската амбасадорка, Мату Џоини, направи дигресија за да ги укори САД за нивните минати воени испади, вклучително и Ирак.
Џоини ги потсети САД и нивните западни сојузници, дека тие имаат направено сопствени прекршоци на Повелбата на О.Н. и дека само протежираат сопствени геополитички интереси во однос на Русија преку инсистирањето на резолуција на О.Н. за осудување на Москва како агресор.
Линч пишува дека ваквата изјава ги покажува проблемите со кои се соочува САД во собирање на дипломатска поддршка против Русија, која до сега ја има добиено само од воените сојузници од Западот и од Источна Азија.
„Освен нив, најголемиот дел од светот не е заинтересиран за приклучување кон кампањата предводена од САД за изолирање на Русија.
Без разлика колку се гневни од руското освојување територија во Украина, најголемиот дел држави имаат историски врски со Русија кои не се подготвени да ги напуштат, и се плашат дека економска блокада врз Москва штетно ќе се одрази на нивните сопствени држави, поттикнувајќи повисока цена на храната и трошоци за гориво,“ смета Линч.
Во првите денови од судирот, Украина ја имаше поддршката од речиси целиот свет, па од 193 членки на Генералното собрание на О.Н. 141 гласаа за осудување на руската интервенција, против беа само 5: Русија, Белорусија, Еритреја, Сирија и Северна Кореја. Русија беше директно осудена и од генералниот секретар Гутереш.
Додека САД во ова време успева да ја собере поддршката од Западот + Јапонија и Јужна Кореја, реакцијата од остатокот од светот е релативно стишена, делумно заради страв од кризата што овие санкции ќе ја предизвикаат, делумно затоа што цели парчиња од светот се уште го презираат САД заради неговите воени интервенции од Авганистан до Ирак, Сирија и Либија „кои зад себе оставија смрт и уништување“.
За сега ниту една африканска држава нема наметнато санкции против Русија, која последниве години е најголемиот извозник на оружје во Африка.
Сето ова има и калкулантски сегмент бидејќи на сите им е јасно дека светот по војната нема да биде ист, само не им е јасно како ќе се промени.
„Ако со преговори се дојде до решение, западните санкции ќе мора да бидат кренати бидејќи мислам дека Русија нема да прифати решение без кревање на санкциите.
Од перспектива на државите кои не се вклучени, ако можам така да се изразам, мора да ги разгледуваме реалиситчните исходи. Мислам дека ќе биде постигнат договор; и затоа не паѓаме на целосно анти-руската позиција, на која Западот на крај ќе најде некој начин да и угоди,“ изјавува пакистанскиот амбасадор во О.Н., Мунир Акрам.
Кенискиот амбасадор во О.Н., Мартин Кимани, пак го осудува рускиот напад врз Украина, но истовремено го напаѓа и САД и нивните западни сојузници, заради нивното користење сила за уништување на ривалите во Авганистан, Ирак и Либија. На слична позиција е и претседателот на Уганда.
Во целата ситуација посебно не беа од корист за Украина и извештаите дека нивните граничари ги малтретирале Африканците кои се обидувале да избегаат од земјата и да преминат во соседна Полска.
Тука се и врските на Африка со Русија кои почнуваат во времето на СССР, кога Западот се уште држи колонии на континентот, а Советскиот сојуз се појавува како главна воена и дипломатска анти-западна поддршка. По распаѓањето на СССР платенички или полу-платенички организации како Вагнер ја одржуваат безбедноста во неколку африкански нации, вклучително Централно-африканската република, Мали и дел од Либија.
Проблемите на САД уште повеќе ескалираат на Блискиот исток, каде нивни историски сојузници како Израел, Емиратите и Саудијците, ги одбија повиците на Белата куќа за изолирање на Русија. Во овој регион повеќе станува збор за курцшлус меѓу тамошните влади и демократската постава на власт во САД, која сериозно загази во својата осуда на одредени одлуки на тамошните владетели.
„Трите држави, секоја на свој начин, се оградија, откривајќи го обемот во кој Вашингтон ја има изгубено нивната доверба и откривајќи го обемот во кој тие се подготвени да ризикуваат одредена штета или ерозија на специјалните односи што ги имаат (со САД) со цел да го заштитат она што го имаат создадено во смисла на стратешка разноликост, вклучително нивното отворање кон Русија и Кина.
Владите во изминатата деценија полека дојдоа до заклучок дека ерата на САД заврши, и дека се случува рапидна транзиција кон мулти-поларниот свет, која нема да може да се врати назад,“ објаснува Хусеин Ибиш од Институтот за арапски заливски држави од Вашингтон.
Ибиш проценува дека ваквата претпоставка околу крајот на ерата на САД е „тестирана од одредено ниво на возобновување на западната алијанса кое е извонредно“.
Судирот го тестира и односот меѓу САД и Индија, па една од најбројните држави во светот во февруари не ја поддржа резолуцијата на О.Н. против Русија во која се бараше таа да се повлече од Украина. Иако премиерот Нарендра Моди го повика Путин да преговара за „крај на насилствата“ во Украина, тој не ја критикуваше Москва, а во меѓувреме земјата продолжи со преговори за купување на руска нафта со попуст, што е спротивно на американските напори за блокирање на руски извоз на нафта. Русија исто така останува и најголем снабдувач со оружје на Индија.