Антируска пропагандна кампања која потекнува од „армија на ботови“ на лажни автоматизирани Твитер сметки го преплави интернетот на почетокот на војната.
Екипа истражувачи од Универзитетот во Аделаид откриле дека во раните недели на војната во Украина, 80 отсто од твитовите на оваа тема биле дел од пропагандна кампања изведена со автоматизирани „бот“ акаунти.
Генерално, студијата на 5 милиони анализирани твитови покажа дека автоматизирани ботовски сметки стојат зад 60 до 80 проценти од сите твитови со клучни хаштази за темата.
Универзитетските истражувачи исто така открија дека овие автоматизирани твитови биле користени за да се поттикнува стравот меѓу луѓето кои биле таргетирани и да се зголемува нивото на статистички мерливата „анксиозност“ во онлајн дискурсот.
Објавените податоци покажуваат дека во првата недела од војната меѓу Украина и Русија имало огромна про-украинска активност на ботови со хаштаг #IStandWithUkraine. Само во првата недела, Твитер го преплавиле околу 3,5 милиони такви ботовски твитови.
„Тоа беше како некој да го вклучил прекинувачот“, пишува „Декласифицирана Австралија“ што и не е метафора бидејќи ботови така и се активираат.
Во првиот ден од војната, хаштагот #IStandWithUkraine се користел во дури 38.000 твитови секој час, што се зголемило на 50.000 твитови на час на третиот ден од војната.
За споредба, во првата недела имало речиси целосно отсуство на про-руска ботовска активност. Во текот на првата недела од инвазијата, тие ботови испраќале твитови со хаштази #IStandWithPutin или #IStandWithRussia со зачестеност од само неколку стотици на час.
Но, на вториве експресно се реагираше. Веќе на 5 март, кога #IStandWithPutin стана трендинг на Твитер, компанијата соопшти дека блокирала преку 100 акаунти со тој хаштаг заради „прекршување на правилата против манипулации и спамирање“.
Иако студијата “#IStandWithPutin versus #IStandWithUkraine“ е објавена во август, вести за неа се појавија само на неколку независни медиумски сајтови (и на руската РТ), но не многу и на други места, што е стандардно „закопување“ на приказни кои не одговараат на посакуваниот наратив.
„Оваа револуционерна студија, која разоткри масовна кампања за дезинформација на социјалните мрежи против Русија, беше ефикасно игнорирана од главните медиуми на западниот естаблишмент. Тоа стана рутина за време на руско-украинската војна“, пишува Декласифицирана Австралија.