Закерберг пробува да го наплати тоа што ги откачи факт-чекерите

Не требаше да мине долго време па Марк Закерберг од новиот американски претседател да проба да ја наплати својата одлука за отстранување од Фејсбук и Инстаграм на керберите на јавниот збор, нагалено наречени факт-чекери. Шефот на Мета, компанија вредна 1.500 милијарди долари, се  пожали дека Европската Унија неправедно го глоби и побара интервенција на Белата куќа.

Види чудо, некако истовремено Брисел реши да ги преиспита своите истраги за технолошките гиганти како Епл, Гугл и Мета, открива Фајненшл Тајмс, иако европските бирократи тврдат дека враќањето на Трамп нема врска со тоа. 

Истрагата на сопствените истраги може да доведе до тоа Европската комисија целосно да ги укине или барем драстично да го редуцира опсегот на своите дејствија.

„Ова ќе биде сосема поинаква игра, со технолошки олигарси кои се многу блиски со Трамп и го користат тоа за да нè притиснат. Сè е некако под знак прашање“, рекол висок европски дипломат.

Додека се врши ревизијата, сите одлуки за потенцијални казни ќе бидат стопирани.

Закерберг во петокот го повика новоизбраниот американски претседател Трамп да го запре Брисел, жалејќи се дека европските регулатори го казниле „над 30 милијарди долари во последните 20 години“.

И да е така, не минал страшно. Само Фејсбук последниве 15 години имa генерирано околу 800 милијарди долари приход од кои 200 милијарди биле чист профит. Само во 2023 година, Фејсбук заработил 135 милијарди долари, а Европа е втор најпрофитабилен пазар после Северна Америка. Башка Воцап и Инстаграм.

16 јануари 2025 - 12:13