Како што тој објаснува, во камповите оние кои нашле некаква смисла дури и во најморничавите околности биле далеку поотпорни на страдање отколку оние кои не нашле:
"Се може да биде одземено од човек, освен една работа, последната од човековите слободи - да го одбере сопственото однесување во одреден распоред на околности, да го одбере сопствениот начин."
Во книгата тој пишува за примерот со двајца суцидални затвореници кои ги запознал во кампот. Тие биле безнадежни и сметале дека не можат ништо повеќе да очекуваат од животот, дека немало за што да живеат. Франкл објаснува дека и во двата случаи, клучно било да ги натераш луѓето да сфатат дека "животот се уште имал очекувања од нив." За едниот маж тоа било неговото дете кое живеело во странство, за другиот, инаку научник, тоа било серија книги што требало да ги заврши.
Во 1991-ва Конгресната библиотека ја прогласи неговата книга за една од 10-те највлијателни книги во САД. Франкл напиша: "За Европејците, карактеристика на американската култура е дека постојано на човек му се командува 'да биде среќен.' Меѓутоа среќата не може да се брка, таа треба да произлезе од нешто. Човек треба да има причина да биде 'среќен.' Самото трчање по среќа, ја спречува среќата."
Според Галуп, нивото на среќата меѓу Американците моментално е највисоко во изминатите 4 години, како и бројот на бестселери кои во својот наслов го имаат зборот "среќа." Меѓутоа во исто време, според Центарот за контрола на болестите, околу 40% од Американците немаат чувство дека нивниот живот има некаква јасна цел или им е сеедно дали животот им има цел.
Заради ова во една нова студија објавена во Journal of Positive Psychology, психолозите бараат од 400 Американци да одговорат дали нивните животи имаат смисла или имаат среќа. Анализата покажала дека иако среќата и смислата се преклопуваат на одредени начини, тие во основа се сосема различни. Како што објаснуваат психолозите живеењето на среќен живот значи да си човек кој "зема," додека живеењето на живот со смисла значи дека си човек кој "дава."
"Среќа без смисла карактеризира релативно плиток, егоцентричен или дури и себичен живот, во кој работите лесно се завршуваат, потребите и желбите лесно се задоволуваат, а тешкотиите се избегнуваат," пишуваат авторите.
Психолозите објаснуваат дека среќата се сведува на тоа да се чувствуваш добро. Оние кои се среќни имаат тенденција да мислат дека животот е лесен. Среќниот живот исто така се дефинира и преку недостатокот на стрес и грижи. Од социјална перспектива најважно е што потрагата по среќа е поврзана со себично однесување. Со други зборови, луѓето стануваат среќни кога ќе го добијат она што го сакаат. Исто како и луѓето и животните чувствуваат среќа кога ќе се задоволи некоја нивна потреба или нагон.
Она што ги разликува луѓето од животните не е потрагата по среќа, туку потрагата по смисла, која е уникатна само за луѓето.
"Дел од она што го правиме ние како луѓе е да се грижиме за други и да им помагаме на други. Ова му дава смисла на животот, но не мора да значи дека не прави среќни," објаснува психологот и ко-автор на книгата Willpower: Rediscovering the Greatest Human Strength, Рој Баумајстер.
Додека среќата е емоција која ја чувствуваме тука и одма, таа постепено избледува исто како и сите други емоции, за разлика од ова, смислата е трајна. Таа го поврзува минатото со сегашноста и иднината. Како што објаснуваат психолозите:
"Негативните моменти во животот иако ја намалуваат среќата во животот тие ја зголемуваат неговата смисла. Луѓето кои имаат смисла во животот во форма на јасно дефинирана цел, повисоко го рангираат задоволството од животот дури и кога ќе им се случи нешто лошо, во споредба со оние кои немаат јасно одредена цел."