Универзитетот Колумбија почна да ги суспендира про-палестинските студентски активисти кои одбија да го размонтираат протестниот камп а разговорите за ставање крај на демонстрациите кои ги поделија студентите влегоа во ќорсокак.
Претседателката на Универзитетот, Немат Минуче Шафик рече дека неколкудневните преговори меѓу студентските организатори и институцијата не успеале да ги убедат демонстрантите да ги отстранат десетиците шатори поставени во знак на протест проти израелскиот геноцид во Газа.
На самиот почеток на оваа седмица, активистите од Колумбија добија ултиматум да го напуштат кампот а од студентите се бара да потпишат дека ќе ги почитуваат универзитетските политики. Во спротивно, им следува суспензија и нема да можат да го завршат семестарот.
„Кампот создаде неповолна средина за многу наши еврејски студенти а бучавата ја попречува наставата, учењето и подготовката за завршните испити“, рече портпаролот на Колумбија.
Претходно, Шафик даде до знаење дека нема да се откаже од донациите кои се поврзани со Израел што е едно од клучните барање на демонстрантите. Наместо тоа, таа понуди да инвестира во здравството и образованието во Газа и да ги направи потранспарентни директните инвестиции на Колумбија.
Бранот протести се прелеа и на други универзитети во земјата а во некои од нив, како на пример на Универзитетот Тексас во Остин беше побарана и интервенција од полицијата која уапси десетици активисти.