Човекот со поприлично дебело академско резиме кое опфаќа универзитети од Лондон до Прага, има обемен каталог објавени текстови на тема Русија, а во неговата последна книга „Треба да направиме муабет за Путин“, тој тврди дека рускиот лидер е погрешно толкуван.
Галеоти има кратко интервју за Гардијан, во кое зборува за Русија и како Западот греши околу нејзе.
Кој е најголемата погрешна претстава за Владимир Путин?
Мислам дека тоа замислата дека тој управува со сè. Се уште постои претстава дека тој е некаков си Џејмс Бонд супер-негативец.
Прво, тоа не е начинот на кој функционира светот; второ, тој повеќе е нешто како мрзлив автократ кој седи и ги остава другите сами да смислуваат секакви планови и стратегии.
Тогаш зошто западните аналитичари погрешно го толкуваат?
Да сме фер, не сите аналитичари го прават тоа, ама оние што го прават, мислам дека имаат неколку причини. Една е дека е многу полагодно чувство да се обидуваш да влезеш во главата на еден човек, отколку да се обидеш да ги сфатиш сите разни правци во кои голем број различни играчи би можеле да ја одведат руската политика. Второ, самиот Путин придонесе кон овој извонреден мит. Интересно е, бидејќи на многу начини тој е доста еднолична фигура. Тој стана Роршахов отпечаток на кој секој може да ги истури своите стравови и сомнежи и да излезе со сопствена лична верзија на Путин.
Која е врската меѓу Русија и поранешниот Советски сојуз?
Сите држави, до некаде, го отсликуваат своето минато. Постојат сличности во смисла на авторитарен систем, корупција на елитата и такви работи, меѓутоа мислам дека ова е држава која спроведе некои прилично драматични промени. Пред се, сличностите не се идеолошки. Советскиот сојуз, без разлика колку неуспешно и неволно, барем се преправаше дека има некоја голема глобална визија. Меѓутоа Русија е речиси целосно во процес на транзиција: точно дека многу споро, но таа се движи кон западниот шаблон кој нам ни е добро познат. Затоа, она што ние го гледаме не се развојни маки на новата Русија, колку што се посмртни маки на Советскиот сојуз.
Дали мислиш дека левицата и десницата обично ја гледаат Русија низ призмата на Студената војна?
Да, и мислам дека тоа истото се случува во Русија колку што се случува на Западот. Она што во моментот го гледаме е период на интензивен и понекогаш прилично остар геополитички судир, кој на моменти потсетува на Студената војна. Но ако го користиш терминот тој доаѓа со секаков тип на багаж. Ние треба да прифатиме дека ова е нешто ново. Кај десницата имаш луѓе кои гледаат враќање на ерата на КГБ; на лево имаш луѓе кои сентиментално веруваат дека Русија е некоја си социјалистичка држава, кога таа на многу начини е речиси карикатура на доцниот капитализам.
Што е клучната мотивација на Путин?
Во суштина таа е емоционална. Тоа е неговата безбедност и, уште поважно, неговата историска оставина. Впечатливи се напорите со кои тој се обидува да го освои своето место во величествениот марш на руската историја. Ова исто така е борба за почит. Она што постојано излегува е дека Русија сака да биде третирана како голема сила. А тоа е навистина предизвик, бидејќи во секоја објективна смисла Русија не е голема сила.
Пишуваш и за обидот за убиство на Скрипал. Што е пригодниот одговор на тоа?
Ако го загледаш Путин и неговите советници, ќе сфатиш дека тие не само што мислат дека Западот е слаб туку и дека Западот веќе го има донесено својот став околу Русија и дека тие имаат многу малку што да изгубат. Голем дел од ова е затворско покажување сила: сакаш да изгледаш силен за никој да не се закача со тебе. Се што ние можеме да направиме со Путин е да пробаме да го зауздаме, а се што тој може да направи е да ги искористи нашите слабости. Ние треба да бидеме многу построги кон режимот, додека истовремено им подаваме рака на обичните Руси.
Колку влијание имаа Русите врз изборите во САД?
Искрено мислам дека улогата на Русите беше драматично претерано нагласена. Можам да разберам зошто. Голем број луѓе претпочитаат да веруваат дека Трамп е избран од Путин, а не дека американската јавност гласаше за него. Ама мислам дека колку повеќе ја гледаш целата работа, станува се појасно дека трите клучни сојузни држави кои навистина ги свртеа изборите во корист на Трамп се трите сојузни држави на кои Русите најмалку работеле. Јасно е дека објавувањето на мејловите на Хилари помогна во оформување на дебатата. Секако дека Русите ќе се обидат да се вмешаат, меѓутоа иронијата е дека колку повеќе разговараме за нивното влијание, толку повеќе сила му даваме на Путин. Напротив, ние треба многу повеќе да им се смееме на Русите.
Што ќе се случи во Русија пост-Путин?
Тоа е прашањето на кое сите во Русија размислуваат. Имам чувство дека ова е човек на кој му досадно и е уморен од работата. Деталите од работата на Владата веќе не го интересираат. Неговиот мандат ќе трае до 2024. Иако некои зборуваат за тоа како тој би можел да остане на власт, мислам дека тој би сакал дури и пред крај на мандатот да најде заменик, додека за себе би ја задржал улогата на татко на нацијата. Меѓутоа мојот став е дека историјата не е на страната на Путин. Севкупно, обичниот руски граѓанин, но и руската елита, не сака да води некоја идеолошка крстоносна војна против Западот. Јас сум крајно оптимист за траекторијата на Русија.