По повеќе од една година директен пристап до американскиот претседател во Белата куќа, за некој ден треба да излезе книгата на Мајкл Волф „Оган и гнев: во Белата куќа на Трамп.“ За книгата Волф прави повеќе од 200 интервјуа со Трамп и неговите високи советници во период од 18 месеци.
Првото интервју кое тој го има направено е од јуни 2016, за Холивуд репортер. По изборите им пристапува на луѓето на Трамп со понуда да дојде во Белата куќа „ како мува на ѕид“, за да ги следи настаните и подоцна да напише книга. Иако во игра е и Ед Клајн, авторот на неколку книги против Хилари, Волф некако добива дозвола од Трамп.
Со ова Волф стекнува редовен пристап до каучот во претсобјето во Западното крило во Белата куќа, преку кое задолжително мора да минат „сите нови ѕвезди на шоуто“: Стив Банон, Келиан Конвеј, Прибус, Спајсер, Кушнер, Пенс, Флин (и неговата замена откако беше отпуштен).
„Главната смешка во целата работа наскоро стана јасна, ова беше група амбициозни мажи и жени кои стигнале до врвот на власта, назначени на висока позиција во Белата куќа - а претседател да им биде Доналд Трамп. Постојано демне ризик нивниот подвиг за почит, што стигнале до Западното крило, да стане фарса,“ пишува Волф во својата колумна за Холивуд репортер по повод новата книга.
Ако вообичаено нов претседател се опкружува со мала група лојални и блиски луѓе со кои работел низ цела кариера, најголемиот дел од луѓето на Трамп се со него едвај неколку месеци пред тој да влезе во Белата куќа. Дури и сопругата на синот на Трамп, објаснува „ние никогаш не го гледавме нешто посебно се додека не ја доби номинацијата“.
Волф ги реди првите впечатоци на сите ликови:
- Шон Спајсер на излегувањето од првата прес-конференција како портпарол на Белата куќа, кога ги правда бројките од публиката на инаугурацијата на Трамп, промрчува „вакви срања не се измислуваат.“
- Рајнс Прибус, шефот на кабинет на Трамп, откако влегува во Белата куќа си дава дека ќе издржи 1 година на оваа позиција, за по некое време ова да намали на 6 месеци.
- Келиен Конвеј приватно повеќе пати по јавните коментари на Трамп во слепоочница си го вперува прстот како пиштол.
- Стив Банон од почеток се обидува да наметне дека Трамп е само марионета, дека тој е човекот со план, цел и интелект, и дека го води целото шоу. Тој не само на шега го има прифатено прекарот од Сатрдеј најт лајв „Претседателот Банон“.
„Надреалното чувство на претседателството на Трамп и внатре беше подеднакво интензивно доживеано како и вон Белата куќа. Трамп, за луѓето што беа најблиски до него, беше комплетна енигма. Тој беше избран за претседател, ама очигледно, тој се уште беше... Трамп. Всушност, тој изгледаше подеднакво збунет како и сите што се нашол во Белата куќа, дури и обидувајќи се да се забарикадира во својата спална, со сопствена брава и покрај негодувањето на Тајната служба,“ пишува Волф.
И покрај обидите на Трамп да му се припишат „магични моќи“ за неговата проникливост во желбите и стравовите на половина од земјата, и способноста да измислува архетипови „Малиот Марко“, “Уморниот Јеб“, еден долгогодишен близок соработник на Трамп (за кого американскиот претседател тврди дека веројатно најдобро го познава) својот шеф го објаснува со зборовите „тој е ебана будала.“
Дел од лудилото во Белата куќа се должи на тоа што Трамп „не знае да им каже НЕ на своите деца,“ па кога на Прибус му објаснува зошто треба да ги вработи Иванка и зетот, изговорот на Трамп за целата работа е дека „тоа е малкууу, малкууу комплицирано...“
Еден од ретките успеси на лошите кадровски потези на Трамп, е што заради неговото однесување луѓето од администрацијата чувствуваа одговорност кон државата, „тој со тоа успеа да претвори себични кариеристи во патриоти.“
Ова на никој начин не значи дека во првите месеци воопшто некој има претстава што и како се прави таму. Тоа што Бенон се наметнува како главен претставник на Трампизмот толку го разгневува Трамп, што Бенон до крајот на април веќе е на клупа за резерви.
„Да се каже дека никој не раководи, дека нема водечки принципи, дека нема ни функционална организациска шема, пак би било потценување на ситуацијата,“ пишува Волф.
Тој објаснува дека кон крајот на пролетта трката за тоа кој ќе раководи со Белата куќа почнува да вклучува „врескање во ходниците и пред задлабочениот Трамп во Овалната канцеларија (кога и тој самиот не викаше на цел глас).“
Волф дава објаснување и за неверојатното излевање информации што се случуваше во првите денови од мандатот на Трамп:
„Трамп го подгреваше постојаниот раздор меѓу својот кадар со секојдневните вечерни телефонски разговори со своите пријатели милијардери, во кои се жалеше за нелојалноста и некомпетентноста околу него.
Неговите пријатели милијардери потоа ги споделуваа овие информации со своите пријатели милијардери, создавајќи бескрајно протекување информации против кои претседателот толку остро се бореше.“
Еден од овие пријатели на Трамп е и Руперт Мурдок (Скај / Фокс), кој иако повеќе не е непријателски настроен кон претседателот како за време на кампањата, и понатаму пред своите пријатели и семејството го исмева Трамп, во еден телефонски повик нарекувајќи го „каков ебан морон“.
Скарамучи, портпаролот на Белата куќа кој издржа 11 дена на позицијата, е решение на Иванка и нејзиниот сопруг Џаред. Иако почна и заврши без никакво посебно достигнување, по неговото назначување повеќе никој во Западното крило не се труди ниту да го крие својот гнев кон Трамп и неговото семејство.
„За Рекс Тилерсон, тој беше морон. За Гери Кон, тој беше глупо гомно. За Мекмастер тој беше безнадежен идиот. За Стивен Банон, тој имаше излудено,“ пишува Волф.
До крајот на летото, Трамп имаше направено чистка „која е карактеристична за крај на прв мандат, а не за крај на првите шест месеци“. Во екипата немаше речиси никој од почетната постава (од ходникот), освен Иванка и Џаред.
„Малата екипа на Доналд Трамп од луѓе за сè, советници и роднини, на 20-ти јануари 2017 започнаа искуство кое ниту еден од нив, по кое било правило или логика, помислија дека ќе го имаат, да бидат дел од претседателскиот мандат на Трамп.
Надевајќи се на најдоброто, за нивната лична иднина како и за иднината на земјата која зависи од нив, мојот неизбришлив впечаток од разговорите со нив и набљудувањето во добар дел од првата година од неговиот мандат, е дека сите тие - 100 проценти - дојдоа до заклучок дека тој е неспособен за неговата работа,“ порачува Волф на крај од својата колумна во Холивуд репортер.