Мирор деновиве извади статија со наслов:
„Мапа која ги прикажува областите на Обединетото кралство кои можат да бидат уништени доколку Русија лансира нуклеарна бомба во Лондон“.
Во илустрација, графика на главниот град опкружен со концентрични кругови кои покажуваат колку атомски напад може да го уништи југоисточниот дел на Англија.
Статијата имаше вирален карактер, иако во некои случаи беше исмејувана заради нејзината сензационалистичка катастрофичност. Но, таа јасно укажува дека стравот ни станал дифолтно однесување. Што ако вирусот се повлекува, ако она што го остава зад себе е свет исплашен и избезумен од сенешто?
Затоа не треба да бараме враќање во „нормалното“. „Старото нормално“ беше дел од проблемот, смета Патрик Вест. Вирусот пристигна во свет веќе оптоварен со страв и вознемиреност, тренд кој на крајот на минатиот век го идентификуваше Френк Фуреди во неговата книга „Култура на стравот“ од 1997 година. Фуреди опиша како и покрај тоа што живеевме побезбедни и подолги животи, и сè повеќе ослободени од болести и страдања, станувавме сè поуплашени.
Ковид-19 се рашири во еден свет кој веќе беше болен. Многу научници, како на авто-пилот, одбираа да зборуваат за најлошите можни сценарија, како да не постоеја други во кои вирусот може да се ублажи.
Многумина и денес одат со маски на отворено.
Од 90-тите до денес, во „културата на стравот“ најгласни се оние кои добро стојат и убаво живеат, немаат вистински проблеми ама затоа имаат многу време за да ги измислуваат. Таканаречената „пижамска класа“.
Културата на страв е поттикната и од забрзаната достапност на знаењето, информациите и дезинформациите, последниве две децении. Велат дека студентите по медицина стануваат ужасни хипохондрици во текот на нивните први години на студирање, кога стануваат свесни за секоја можна болест што може да ги убие. Колективно сме во слична фаза. Знаеме премногу. А премногу информации предизвикуваат премногу шпекулации, пишува Вест.
Тој препорачува да се чита помалку, но покритично и подлабоко, наместо непромислено и широко. А најлошите сценарија да се третираат како најмалку можни.