Тој предупредува дека сите барања да се назначи специјален обвинител кој ќе ја продолжи истрагата на отпуштениот директор на ФБИ, Џејмс Коми, воопшто не внимаваат дека "такво назначување ќе се претвори во штит за престапниците."
"Специјален обвинител би можел да ја тера истрагата од Трамп и Русија во тајновитост со месеци и години - и на крај да не успее да одговори на важните прашања на кои е потребен одговор," пишува Фрум.
Неговата процена е дека од сите предлози на темата специјалниот обвинител е најверојатно да се изгуби во лавиринтот и најмалку веројатно да ги даде одговорите на клучните прашања. Фрум смета дека избран комитет од членови на Конгресот или независна комисија од непартиски експерти составена од Конгресот може да постави пошироки прашања како: Што се случи, или да организира истрага според приоритетите, оставајќи ги второкласните и третокласните прашања на историчари.
"Избран комитет или независна комисија трага по вистината.
Специјален обвинител, напротив, бара криминал.
Кривичниот закон е тешка алатка, и заради таа причина тој е дебело опремен со заштита за обвинетите лица. А најважната мерка на заштита од гледна точка на проблемот со Трамп и Русија е правилото на молк. Обвинител кој истражува криминал често пати може да открие не-криминално лошо однесување на луѓето што ги истражува. И ако тие постапки не доведуваат до криминал, обвинителот треба да погледне на страна," пишува Фрум.
Во хипотетичкиот пример што тој го дава обвинител истражува политичар за прекршување на изборен закон. Обвинителот не може да собере доволно докази за обвинение ама открива дека политичарот во претходните години примил незаконски голема финансиска помош од ликови од организираниот криминал.
"Во оваа ситуација одговорен обвинител би требало да молчи за своето откритие. Ако не е криминал што може да се гони, од гледна точка на обвинителот, тоа може и никогаш не се ни случило.
Од друга страна, ако обвинителот открие криминал што може да се гони, тој криминал станува врвен приоритет - без разлика колку е тој второ или трето класен во однос на големата слика на она што се случува," појаснува Фрум.
Пред пишување на текстот Фрум зборува со повеќе еминентни адвокати на тема изборен закон, национална безбедност и финансиски криминал, и со нив ги анализира ставките за кои Трамп би можел да одговара доколку излезат точни најцрните шпекулации околу него и соработката со Русите и учеството на Викиликс.
Сето ова го дели на четири теми: хакирање, избори, шпионажа и предавство.
1. Хакирање. Иако хакирањето дигитални комуникации во САД е јасно нелегално, работите стануваат многу повеќе матни ако некој користи хакирани информации преку едно колено. Па руски хакери и да упаднале во мејловите на Џон Подеста, со тоа што информации ги објави Викиликс за кој било државјанин на САД тие стануваат сосема легални за користење. Тука работите дополнително се комплицираат и од улогата на Викиликс како медиумска организација и дали поединецот имал некаков ексклузивитет во прегледувањето на податоците.
"Со други зборови, би требало да направиш некои многу големи претпоставки не само за обемот - туку и тајмингот - на хипотетичката соработка меѓу Трамп и Русија за да замислиш силен случај против кого било од околината на Трамп според американските закони за хакирање. А уште помалку е веројатно дека Доналд Трамп ќе биде лично вклучен: Тој не ја ни користи модерната технологија, а не па да ја разбира," пишува Фрум.
2. Избори. Со закон е забрането странци да учествуваат во американските избори. Ако кој било државјанин на САД свесно соработува или поттикнува странец во такво нешто, тогаш тој има извршено кривично дело.
Под "учество" американскиот изборен закон подразбира трошење средства. Додека препраќање меил или какви било други податоци од еден на друг никако се смета за "учество". Плус, од сето ова комплетно се исклучени медиумските организации, што значи дека какво било обвинение против Викиликс најдиректно ќе зависи од тоа дали на суд тие ќе бидат прифатени како медиум или дел од шпионска организација.
"Сумирано, дури и луѓето во околината на Трамп да ги поттикнале руските шпиони да ги форвардираат хакираните податоци на Викиликс... дури и ако тие луѓе ги советувале Викиликс околу тајмингот и начинот на објавување на хакираниот материја... дури и ако тие луѓе ја споделиле својата изборна стратегија со Викиликс и побарале Викиликс да ги пребараат податоците и да најдат материјали што најефикасно ќе помогнат на каузата на Трамп... дури и ако секој од вие до сега не докажани работи се документирани вон секој разумен сомнеж, обвинението останува многу проблематично," пренесува Фрум.
Како хипотетички пример тој дава спротивна ситуација во која не Русите, туку француските служби ја контактираат кампањата на Хилари за да и кажат за поврзаноста на Трамп со Русија. Ако од кампот на Хилари одговорат со "за ова треба да го информирате светот" и француските служби ги испратат информациите до Монд или Фигаро, дали тоа значи дека кампањата на Клинтон го прекршила законот? Иако има значителна морална и стратешка разлика "изборниот закон не разликува меѓу фини странци и лоши странци, ниту пак е сигурно дека законот разликува меѓу Викиликс и Фигаро".
3. Шпионажа. Законот од 1917 им забранува на Американците да откриваат информации кои се важни за националната безбедност и се строго чувани од САД. Иако вработен во американската влада може да биде казнет за објавување на каков било доверлив материјал, без разлика колку е тој тривијален или застарен, тоа не ги фаќа и приватните граѓани.
Фрум објаснува дека ниту една од информациите објавени од Викиликс ни од далеку не се квалификува како "информација од национална безбедност" според законот од 1917. Со ова се губи и основата за прогон по основа на шпионажа.
4. Предавство. Без разлика како изгледа од надвор, тука Фрум се повикува на уставот на САД кој тесно го дефинира предавството и докажувањето на истото:
"Предавство на САД се состои од водење војна против земјата или помагање на непријателот, давање заштита и помош. Никое лице нема да биде обвинето за предавство освен ако против него нема сведоштво од две лица за истиот акт, или ако тоа не го признае во отворен суд".
Повторно, без разлика како изгледа од надвор, Русија иако е непријателски расположена, таа не е "непријател"; САД и Русија се во мир со нормални дипломатски односи. Подметнувањата на изборите се диверзија ама не и прогласување војна. Како што објаснува Фрум: "невозможно е да се замисли дека обвинение за предавство може да биде издржано".
Продолжувајќи како заклучок на овие четири ставки, Фрум порачува:
"Во исто време, специјален обвинител е уникатно најлошо квалификуван за да одговори на најважното прашање околу Трамп и Русија: Зошто Русија му помогна на Доналд Трамп?
... На пример ако Русија го претпочита Трамп затоа што на Путин му се допаѓаат одредени про-руски политики - тогаш ок, политики можат да се променат.
Меѓутоа ако Русија го претпочита Трамп затоа што руски ентитети со помош на финансии или на некој поинаков начин го држат Трамп - тоа е нешто што земјава мора да го знае, без разлика дали нема криминал во тоа.
Специјалниот обвинител, сепак, се движи со познатата спорост на законот. Нивните истраги обично траат со години, не со месеци. Нивните белешки се доверуваат на архивите. Уште полошо, постои реален ризик дека специјалниот обвинител ќе тргне во токму спротивниот правец од она што најитно се бара од јавниот интерес.
Запаметете, обвинителите обвинуваат - и тие нема да обвинат за процедурален престап (лажење под заклетва и слично) како што би обвиниле за издржан криминал."
Како пример тој го дава Кен Стар кој првично беше назначен за истражување на пропустите во инвестирањето во недвижности од семејството Клинтон. Тој не можеше да го докаже тоа - ама можеше да докаже дека Претседателот Клинтон лажел под заклетва околу неговата врска со Моника Левински.
Дополнителен проблем е можноста специјален обвинител да застрани од својата мисија и да заврши во лов на пропустите што ги направиле луѓето блиски на Трамп, како непријавување работа како лобисти за странци, или неплаќање даноци. Ова иако ќе доведе до казна за овие поединци, тоа "нема да ја заштити јавноста од руските напори да ја корумпираат американската демократија".
"Малкумина денес не се согласуваат дека интегритетот на изборите 2016 беше загаден од тајна странска интервенција. Американците ја заслужуваат целата приказна за ова загадување, ако претседателот на САД - или некој близок - е компромитиран од поврзаноста со странско разузнавање или странски организиран криминал, јавноста и Конгресот треба тоа веднаш да го знаат.
Меѓутоа опасноста во сегашната ситуација многу повеќе е политичка отколку законска. Повеќе од важно е истрагата да биде брза а нејзините полни заклучоци да бидат споделени со јавноста, кои потоа ќе доведат до обвиненија и казни. Со одолжување, оттргнување на вниманието, и поставување погрешни прашања, спор и молчалив специјален обвинител би можел подобро да им служи на интересите на Трамп, отколку што тоа до сега го имаат направено неговите адвокати," порачува Фрум.